Македонија
(Видео) Јакимовски: Чепкањето во историјата ќе биде крај не само за Заев туку и за СДСМ
Претседателот на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), која е дел од коалицијата „За обнова на Македонија“, Стевчо Јакимовски, на протестот пред македонската Влада порача дека граѓаните овие ладни денови се собираат за да го спречат, како што рече, националното предавство, кое неколкумина во Владата сакаат да им го направат на Македонија и на македонскиот народ.
Тој ги повика сите граѓани на Македонија да се обединат и да се сплотат за да го спречат премиерот Зоран Заев во распродавањето на македонските национални обележја.
Јакимовски истакна дека со Бугарите не може да се преговара за историјата затоа што тие ја толкуваат како сакаат во зависност од околностите.
„Како, на пример, кога требаа да платат репарација за окупацијата на Македонија, тие го даваа и цар Самуил дека е македонски цар за Заев сега на тацна да го направи бугарски. Тоа само кажува како им одговара, така си ја толкуваат историјата. Кога требало да плаќаат 25 милиони долари репарации, само за окупацијата на Македонија, што денеска е еквивалент на 25 милијарди долари. Пиринска Македонија ја давале да се приклучи кон Југуславија затоа што не ја сметале за нивна, секогаш нас Македонците не сметале за своја монета за поткусурување“, рече Јакимовски.
Според него, Заев и неговиот однос кон Бугарија може да направи голема беља на Балканот.
„Штетата што ја предизвикува СДСМ не е само македонска туку е и балканска. Затоа, ве повикувам, сите граѓани на Република Македонија, без разлика на вера, нација и политичко убедување, да се обединиме и да покажеме сила и да ја одбраниме Македонија“, посочи Јакимовски пред Владата.

Тој очекува во наредниот период протестите да се зголемуваат и покрај тоа што, како што рече, распродавањето го прават во време на корона.
„Еднаш ова го правеа на најсветлиот ден за македонскиот народ, на Илинден, кога сите се на одмор, го потпишуваа најсрамниот договор за Македонија“, рече Јакимовски, кој додаде дека тој е длабоко убеден оти со чепкањето во историјата ова ќе биде крај не само на Зоран Заев туку и на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

