Македонија
(Видео) Јанакиески за притворот: Ова е малтретирање и изживување со човекови судбини

Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, по објавувањето на пресудата за „27 април“ со која беше осуден на 6 години и 3 месеци затвор, а откако обвинителството побара да биде однесен во притвор во истражниот затвор во Шуто Оризари, пред судот реагираше дека таквата одлука би била нечовечка.
„Сакам само да ви претставам една ситуација, како изгледа пред мојот дом, за да видите дека повеќе од доволна е мерката куќен притвор. По бегството на Мијалков, мене ме обезбедуваат 8 полициски службеници, секое возило што влегува и излегува од мојата зграда детално се претресува, а во моментов, бидејќи е топло, полицајците седат во ходникот од зградата и сум по 24 часовен надзор. Освен тоа, од август има поголем број предмети за кои треба да се спремаме и притворот го ограничува моето право на одбрана. Мислам дека е нечовечки по четврти пат да се носам во Шутка, од дома во Шутка, од дома во Шутка, четири пати сум носен… сите имаме фамилија, малолетни деца, јас 3 години сум веќе во притвор, 5 години ми е одземен пасошот и сум под мерки и мислам дека ова е малтретирање и изживување со човекови судбини“, изјави Јанакиески пред судот.
Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски денеска од Кривичниот суд беше осуден на шест години и шест месеци затворска казна. Ексминистерот за образование Спиро Ристовски доби казна затвор од шест години и три месеци, во која му се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор. На ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески му е изречена шест години и три месеци во која му се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор. Ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски доби шест години затворска казна, во која му се засметува и куќниот притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АВМУ: Неприфатлив недоличниот однос на министерот Бектеши кон новинарка на „Канал 5“

Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги го смета за апсолутно неприфатлив недоличниот однос на министерот за економија, Крешник Бектеши, кон новинарката на ТВ „Канал 5“, Катерина Капковска, за време на денешната прес-конференција.
„Носителите на јавни функции треба да се воздржат од изнесување лични ставови, коментари и етикетирања со кои се загрозува слободата на медиумите и може да води кон појава на самоцензура“, велат од АВМУ.
Агенцијата апелира дека е неопходно да се вложат максимални напори за обезбедување поволен амбиент за непречено работење на медиумските работници имајќи ја предвид нивната улога во отворањето прашања од јавен интерес и обезбедувањето транспарентност и одговорност на јавните органи.
Македонија
МНР: Декларацијата усвоена во бугарското собрание не соодветствува на договорената политика

Министерството за надворешни работи соопшти дека собраниската декларација за наводна „ескалација на агресивни антибугарски активности во Македонија“, усвоена денеска, на последниот ден од работата на Народното собрание на Бугарија, не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи преку заемно уважување и почитување и укажува на отсуство на волја за нејзино спроведување.
„Со оглед на тајмингот на усвојување на декларацијата, таа може да оди само во прилог на провокаторите, чија цел е да предизвикаат политички активности што негативно влијаат на односите меѓу двете држави и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи. Секој чин на провокација од која било страна, случајно или намерно, во моментот станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји.
Во однос на содржината на декларацијата би сакале да издвоиме:
Северна Македонија во изминатиот период преку конкретни проекти и активности покажа дека посветено работи на спроведување на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.
Содржаните наводи за постоење системски проблеми со правата и безбедноста на етничките Бугари во Северна Македонија целосно се косат со институционално етаблираните факти од релевантни меѓународни институции, кои го следат спроведувањето на човековите права и правата на сите етнички заедници во Северна Македонија, вклучително и на бугарската.
Исто така, Министерството за надворешни работи во повеќе наврати посочи дека Законот за фондациите и здруженијата не е насочен против здружувањето на ниедна етничка заедница, туку против принципот здруженија на граѓани да носат имиња на контроверзни личности, кои претставуваат провокација не само за етничките македонци туку и за сите граѓани што живеат во Северна Македонија.
Во истиот контекст, не постои никаква оправдана основа, ниту сериозен аргумент да се поврзе работата на историската комисија со измените на Законот за здруженијата и фондациите. Таа ќе ја продолжи својата работа врз научно аргументирани и потврдени факти и нема допирна точка со условите под кои се формираат и функционираат здруженијата на граѓани и фондации.
Остануваме на ставот дека за случајот со физичкиот напад врз македонскиот државјанин Христијан Пендиков во Охрид институциите на системот реагираа соодветно, сторителите се приведени, истрагата е во тек, а преку јавни политички активности настанот го осудија највисоките претставници на државата, како што се претседателот, премиерот и Мминистерот за надворешни работи. Притоа министерот Османи оствари и итна вонредна посета на Софија за да го посети повредениот Пендиков, со што и во политичка смисла ја искажа интенцијата на државата за грижа кон сите нејзини граѓани еднакво. Оттука, многуте изјави за овој случај, сега веќе преточени и во содржината на декларацијата, ги сметаме за преувеличени и неосновани, кои на ниеден начин не соодветствуваат на реалноста“, се вели во реакцијата на МНР.
Од таму повикуваат на воздржаност од натамошни одлуки и дејства, кои сериозно им штетат на односите меѓу двете земји и нивните граѓани токму во духот на европските вредности и слободи.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска и Агелер: Во Битола има уникатно богатство на чија заштита посветено работиме

Битола е богат град, и културно и историски. Секое делче од неа раскажува посебна приказна. Имаме уникатно богатство за чија заштита треба посветена работа“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која првата работна средба со амбасадорката на САД во нашата држава, Анџела Агелер, ја искористи за заедно да посетат неколку значајни локалитети и институции во Битола.
Костадиновска-Стојчевска и Агелер ги посетија археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис и Историскиот архив – Битола, а имаа и средба со пратенички и советнички од овој регион.
При посетата на локалитетот Хераклеја се запознаа со текот на активностите во рамките на проектот за конзервација и презентација на мозаици и архитектура на локалитетот, кој треба да биде финализиран до јуни годинава, а за кој беше обезбеден грант од американската амбасада во земјата.
Костадиновска-Стојчевска упати голема благодарност до амбасадорката Агелер за стратегиското пријателство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија, за грижата и солидарноста на американскиот народ, кој преку амбасадорскот фонд во континуитет учествува во заштитата на македонските културни богатства за идните генерации што доаѓаат.
При посетата беше истакнато дека конзерваторските интервенции, кои првпат се преземаат во толку голем обем токму благодарение на овој грант, не само што ќе овозможат зачувување на овие исклучително вредни културни добра по кои е препознатлива Хераклеја туку ќе дадат и ново светло и значење на самиот локалитет.