Македонија
Јаневска за одењето во Здравство: Ќе бидам таму каде што премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, втор ден резервирано одговара на прашањата дали ќе стане министерка за здравство иако албанскиот партнер во Владата јавно зборуваше за размена на ресори со ВМРО-ДПМНЕ по излегувањето од владината коалиција на Алијансата за Албанците. Денес, на поставувањето камен-темелник на училишна спортска сала во подрачен објект на ОУ „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче, општина Аеродром, Јаневска рече дека за тоа ќе одлучат премиерот и преговарачкиот тим, а премиерот побара трпение за измените.
„Оваа држава има премиер, претпоставувам дека има и преговарачки тимови. Јас ќе бидам таму каде што премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене“, одговори министерката Јаневска на прашањето дали ќе оди на чело на ресорот здравство.
Премиерот, пак, Христијан Мицкоски, рече дека до крајот на оваа недела има настани, ќе патува и во Тирана, па за кадровските решенија ќе одлучува следната недела, но синоќа добил овластување од извршниот комитет.
„Народски кажано, добив дозвола од извршниот комитет за номинирање нови имиња, кои ќе ги заменат имињата на оние што одлучија да одат во прегратките на Али Ахмети и на Демократската унија за интеграција, односно луѓето од партијата на господинот Арбен Таравари. Во периодот што следува многу работи ќе бидат појасни. Да бидеме трпеливи и да разговараме, а во тие разговори сигурен сум дека ќе постигнеме договор. Очекувам веќе следната недела да има повеќе на оваа тема“, рече премиерот Мицкоски.
До следната недела премиерот Мицкоски побара јавноста да почека одговор не само на прашањата за имиња на нови министри туку и на прашањето дали министерските места на Алијансата за Албанците ќе ѝ бидат дадени на „Вреди“ или ќе ги земе ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Сарај, Карпош и Чучер Сандево денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08.15 до 12.00 часот, корисниците од село Крушопек и Рекреативниот Центар Сарај. (општина Сарај)
· од 09.00 до 12.00 часот,корисниците во околината на ул. Женевска бр. 15. (општина Карпош)
· од 09.00 до 15.00 часот,корисниците во околината на Авто Сервис – Милошевски во с. Глуво. (општина Чучер Сандево)
Македонија
Сончево и топло со мала локална облачност, максималната температура до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, претежно сончево и топло со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Од средината на седмицата ќе има зголемена облачност и услови за локална појава на попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Одобренија за патување во странство за малолетници ќе се издаваат од 8 до 18 часот

Поради зголемен обем на барања, шалтерот во Одделението за управни работи – Скопје (во зградата на МРТВ) за издавање на „Одобрение за патување во странство за малолетни лица“ (деца до 14 години), ќе работи од 08.00 до 18.00 часот, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Целта, како што појаснуваат од МВР, е да се одговори на сите барања на граѓаните.