Македонија
„Ја крстивме Луна бидејќи ја најдовме на полна месечина“: екологистите ноќеска лоцираа женка рис во близина на Стража
Тимот на Македонското еколошко друштво (МЕД) минатата ноќ лоцира нова женка рис во кафез-замката што беше направена минатата недела, а поставена пред три дена.

„Среќна вест! Тимот на МЕД минатата ноќ лоцира нов женка рис, и тоа во кафез-замката што беше направена минатата недела, а поставена пред три дена. Женката рис Луна пред само неколку часа беше лоцирана на планината Буковиќ, во близина на Стража. Тешка е 18 килограми и е во одлична здравствена состојба. Откога ѝ беа направени потребните прегледи и ѝ беше поставен околувратник преку кој ќе го следиме нејзиното движење, таа беше пуштена на слобода“, велат од МЕД.

Од МЕД велат дека е крстена Луна бидејќи е најдена на полна месечина.
„Како дел од нашите редовни активности, нашиот тим заедно со тројца волонтери направи кафез-замка, која оваа среда беше поставена на планината Буковиќ во близина на Стража. Половина час по полноќ, добивме аларм дека во кафез-замката има рис и веднаш се упативме на терен. Стигнавме на локацијата околу 3 часот по полноќ и почнавме со редовната процедура при заловување нов рис. Овој пат среќни сме што рисот е женка и е во одлична состојба. Тежи 18 килограми. Ја крстивме Луна бидејќи ја најдовме на полна месечина“, вели Искра Манојлоска за „Макфакс“, координатор за комуникации во Македонското еколошко друштво.

Балканскиот рис е национален симбол на Македонија и се наоѓа на монетата од пет денари. Рисот се смета за најголема мачка на континентот. Балканскиот рис е на работ на истребување. Се проценува дека има останато 40-тина единки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот министер најави тужби: „Ми го валкаат името со измислици и лажни тврдења“
Поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски објави дека поради лажни пријави и клевети од ВМРО-ДПМНЕ, ќе преземе соодветни правни мерки.
Во својата реакција на Фејсбук тој обвинува дека наместо да се соочат со проблемите во земјоделството, власта се насочила кон напади врз него како опозициски пратеник.
Николовски истакна дека укажувал на проблемите со ИПАРД, на неисплатените субвенции и на тешката состојба во земјоделството, но наместо конкретни чекори бил соочен со, како што ги опиша, лажни пријави и клевети пласирани преку прес-конференции.
Тој додаде и дека постои тенденција неговото име да се валка со измислици и лажни тврдења, потенцирајќи дека таквите постапки потсетуваат на еден поранешен режим кој неславно заврши, а не на институции посветени на вистински развој на земјоделството. Според него, доколку енергијата била насочена кон поддршка на лозарите, тутунопроизводителите, оризопроизводителите, овоштарите, градинарите и сточарите, резултатите во секторот ќе биле поинакви.
Поради, како што наведува, неразумните обвинувања и обидите за нарушување на неговиот углед, ќе преземе правни мерки.
Македонија
Муцунски и Сијарто: Динамична соработка и силна унгарска поддршка за ЕУ-интеграциите
На маргините на министерскиот состанок на ОБСЕ во Виена, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
Министрите изразија задоволство од динамичната билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Унгарија, како и од континуираниот политички дијалог на високо ниво. Тие го нагласија силниот потенцијал за унапредување на соработката во низа сектори и за продолжување на меѓусебната поддршка во различни мултилатерални формати. Беше потенцирана подготвеноста на двете држави за натамошно интензивирање на соработката во претстојниот период.
Беше поздравено и неодамнешното одржување на петтата седница на Мешовитата комисија за економска соработка меѓу двете држави, како значаен механизам за зајакнување на билатералната соработка во повеќе области.
Разговорите опфатија и теми поврзани со актуелните случувања во регионот и Европа, партнерството во рамките на НАТО и процесот на членство во Европската Унија, при што беше истакната значајната поддршка што Унгарија ѝ ја обезбедува на Северна Македонија во овој процес.
Македонија
Кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица за јавна набавка на електрични автобуси
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, и уште пет лица за злоупотреба на постапка за јавна набавка за електрични автобуси.
Од МВР информираат дека биле набавени 10 електрични автобуси за износ од 429.933.595 денари со што е причинета материјална штета од поголеми размери.
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против К.К.(35) од Струмица поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичното дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, против Д.П.С.(61) од Струмица, К.Б.(37) од Богданци, Л.Ј.(63) од село Ново Село, струмичко и Л.Ѓ.(62) од Струмица поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“ и против Г.П.(58) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека помогнал во извршувањето на кривичните дела „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и „несовесно работење во службата“.
Пријавениот К.К., во својство на поранешен градоначалник на општина Струмица, ги повредил правилата на постапката за јавна набавка на електрични автобуси за потребите на ЈСП „Струмица-Транспорт“ од Струмица со ангажирање на пријавениот Г.П. како одговорно лице задолжено за одговори на технички прашања, учество во техничката евалуација на понудите, надзор над имплементацијата и целосна реализација на договорот, иако тој не ги поседувал потребните стручни квалификации и потребната лиценца А за надзор од областа на електротехниката издадена од Комората за овластени архитекти и овластени инженери.
Исто така, пријавениот К.К. свесно ги повредил и прописите на постапката за јавна набавка преку договарање со Г.П. на тој начин што во тендерската документација биле наведени спецификации кои недвосмислено и речиси идентично одговарале токму на спецификациите на набавените електрични автобуси.
Пријавениот Д.П.С., во својство на директор на ЈСП „Струмица-Транспорт“, постапил несовесно и пропуштил должен надзор над целокупната постапка и имплементација на јавната набавка, при што на 12.03.2024 го потпишал Договорот за јавна набавка на 10 нови електрични автобуси преку финансиски лизинг, во која постапка учествувало лице кое ги немало потребните стручни квалификации и потребната лиценца за надзор од областа на електротехниката.
Пријавената К.Б., во својство на претседател на комисијата за јавни набавки при ЈСП „Струмица-Транспорт“, заедно со пријавените Л.Ј. и Л.Ѓ., во својство на членови на комисијата за јавни набавки, во тендерската документација за отворената постапка за јавна набавка на електрични автобуси за јавен превоз преку финансиски лизинг за потребите на ЈСП „Струмица-Транспорт“, како одговорно лице задолжено за следење на реализацијата на договорот го определиле пријавениот Г.П., кој бил носител само на лиценца Б за надзор од областа на електротехниката, не бил квалификуван за тие работни задачи во предметната јавна набавка, немал ниту право да одговара на технички прашања, да учествува во техничката евалуацијата на понудите, да врши надзор над имплементацијата и целосната реализација на договорот.
„Со наведените дејствија биле набавени 10 електрични автобуси за износ од 429.933.595 денари со што е причинета материјална штета од поголеми размери, а со отсуството на лице со неопходните стручни квалификации и со потребната лиценца А за надзор од областа на електротехниката доведени се во прашање реалната вредност, квалитетот, безбедноста и веродостојноста на техничките спецификации на набавените електрични автобуси“, се наведува во соопштението на МВР.

