Македонија
Љутков од Виница: По седум години, почнуваме со нови културни инвестиции за заштита и промоција на културното наследство
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска е во посета на Општина Виница.
Покажуваме, рече тој, дека и помалите општини заслужуваат системска поддршка и внимание, особено кога станува збор за заштита и промоција на културното и историското наследство.
На археолошкиот локалитет Виничко Кале, каде е откриено едно од најзначајните богатства на македонската археологија со ретка уметничка и духовна вредност, познатите теракотните икони, министерот најави почеток на голем проект за истражување, конзервација и ревитализација на локалитетот.
„Во 2026 година Министерството за култура и туризам, преку своите институции: Националниот конзерваторски центар и Археолошки музеј од Скопје заедно со локалниот Музеј „Теракота“ од Виница, ќе започне со реализација сеопфатен проект за истражување, заштита, конзервација и ревитализација на локалитетот. Проектот вклучува целосна конзервација на објектите и на бедемите, структурна стабилизација на загрозените делови, како и современи археолошки истражувања, што ќе овозможат долгорочна заштита и достапност на локалитетот за јавноста“, рече Љутков.
Целта е, како што истакна, Виничко Кале да стане централна точка за културен туризам, научни истражувања и едукативни програми во овој дел на државата. Тоа, според кажаното не значи само зачувување на наследството, туку и нова перспектива за економски и туристички развој на целиот регион. Локалитетот ќе стане жив културен простор, отворен за сите граѓани, посетители и идни генерации.
Во Виница Љутков ќе ги посети и сите локални институции од областа на културата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Поскапувањата во јануари и февруари го „изедоа“ владиното покачување на минималната плата, ССМ пресмета 969 денари поскапа кошничка за февруари
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за месец февруари пресмета зголемување на вредноста на минималната потрошувачка кошничка за 969 денари, објави денес претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. За толку беше зголемена вредноста на потрошувачката кошничка што ја пресметува ССМ и во јануари, па Трендафилов направи споредба со најавата за системско усогласување на минималната плата следниот месец.
„Вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец февруари повторно е зголемена и тоа за вредност од 969 денари. Истата изнесува 67.382 денари. За два месеци, од почетокот на годината веќе го ‘изеде’ најавеното усогласување на минималната плата кое функционерите сакаат да им го дадат на работниците од 1.500 денари односно секое семејство на работниците е посиромашно за 2.000 денари за само два месеца“, вели претседателот на ССМ.
Тој направи пресметка и за колку се зголеми синдикалната кошничка во изминативе две години, период во кој ССМ бара зголемување на минималната плата. „За 24 месеци, односно онолку време колку што одбиваат да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошничка е зголемена за повеќе од 10.000 денари. Затоа, наместо да се препукуваат на грбот на работниците во парламентот и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат новата минимална плата која треба да изнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари затоа што животот очигледно е дека само за функционерите и за газдите е добар во Македонија, додека работниците тонат во сиромаштија“, рече претседателот Трендафилов.
ССМ по блокадите на Собранието, стопанските комори и на Владата, ѝ даде рок на Владата до крајот на месецов да ја зголеми минималната плата на 600 евра, а сите останати за 100 евра. Доколку минималната плата не се зголеми во тој рок, на почетокот на март ССМ најави дека ќе организира генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор, во работен ден.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.

