Македонија
Џафери да го тргне навредливото именување на албанскиот јазик во уставните измени, така може да испише историја, порачуваат од Европскиот сојуз за промени

Сега, кога техничкиот премиер почна успешно да ја врши својата техничка должност, Европскиот сојуз за промени сака да му предложи да преземе неколку чекори кои можат да ја променат не само положбата на Албанците
во Република Северна Македонија, туку и целокупната општествено-политичка ситуација на нашата држава, порачува денеска Европскиот сојуз за промени.
„Бидејќи неколку пати не само албанската опозиција, туку и албанските партии од власта, се изјаснија дека сакаат да го тргнат навредливото именување на албанскиот јазик од Уставот на Република Северна
Македонија, ова е добра можност тој да предложи во идните уставни измени да се направи оваа измена. На овој начин, тој може да остане во историја и навистина да ја испише историјата“, велат од оваа партија.
Ова е добра можност, додаваат од партијата, бидејќи прв и најважен развоен и евроинтегративен приоритет на Република Северна Македонија е борбата против корупцијата, тој исто така да го предложи и амандманот за уставно санкционирање на борбата против корупцијата.
„Ова е златна можност ние да им предходиме на европските вредности и да докажеме дека сите сме посветени во борбата против корупцијата, против овој порок што ни ја уништува државата. Ако тој може да го направи тоа, ние гарантираме дека со нашите пратеници ќе го поддржиме неговиот предлог. Во спротивно, ќе треба да заклучиме дека тој не е само што е технички администратор на техничката Влада, туку и случаен Албанец. А ако не му успее да ги направи првите два предлози, еве му една полесна техничка задача – нека го реши проблемот со албанското образование во Општина Чашка. Уставот го гарантира, Законот за основно образование е
јасен, дека тоа е обврска, јасен е демографскиот преглед на оваа општина. Доволно е само техничкиот премиер да има храброст и оваа работа е завршена. Еве неколку мали задачи кои Талат Џафери може да го направат голем“, велат од Европскиот сојуз за промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.