Македонија
Џафери со честитка за 11 Октомври: Историјата потврди дека доброто победува и дека е на страната на доброто

Претседателот на Собранието, Талат Џафери на граѓаните им го честита празникот 11 Октомври – Денот на народното востание против фашизмот и борбата за слобода.
„ Почитувани граѓани на Република Северна Македонија, дозволете ми да Ви го честитам државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание против фашизмот и борбата за слобода.
Долг е патот кој човештвото го има изодено откако се избори со злите сили на фашизмот, политичка идеологија која има донесено само загуби и донесе до соочување со негативната страна на човекот. Историјата потврди дека доброто победува и дека мнозинството секогаш се стреми и е на страната на доброто, за да живее во слобода, да живее подобро и тој и сите околу него. Во борбата против злото, секој даде свој придонес во рамките на своите можности и со тоа сочува дел од своето достоинство, човештво и солидарност а над сѐ, обезбеди парче мир за својата совест и душа, меѓутоа, и мир во светот. Таа борба за слобода, придонесе и во градењето на државноста. Денес, го празнуваме 11 Октомври за да им оддадеме почит на сите кои го положиле својот живот за да можеме да ги уживаме благодатите на животот во слободна, силна и демократска држава, со отворен и искрен пристап кон соседите, кон пријателските и партнерски земји и земја членка на НАТО. Лекциите од минатото треба да се научат и да се запомнат, за никогаш повеќе да не се повторат затоа што поделбите никому не носат ништо добро и во овој свет само сплотеноста носи кон прогрес.
Драги граѓани, Ви посакувам да имате убав празничен ден!
Честит 11 Октомври – Денот на народното востание!“ се наведува во честитката од Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со сенаторот Петер Велч во Вашингтон

На првиот ден од работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со сенаторот Петер Велч, еден од иницијаторите на новата резолуција во Сенатот на САД со која се одбележуваат 34 години од независноста на Република Северна Македонија и 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави.
Министерот Муцунски ја нагласи важноста на оваа резолуција како потврда за силното пријателство и доверба што ги обединуваат македонскиот и американскиот народ. Тој подвлече дека Република Северна Македонија останува посветена на заедничките евроатлантски вредности, демократијата, владеењето на правото и стабилноста на Западен Балкан.
На средбата се разговараше и за унапредувањето на билатералните односи, поддршката за европскиот пат на Северна Македонија, како и за заедничкото уверување дека посетата ќе отвори нови можности за уште посилна соработка меѓу двете земји.
Во текот на денот, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби со повеќе претставници на Конгресот на САД, како и да се обрати на свечен настан организиран по повод 8 Септември – Денот на независноста, во присуство на македонската дијаспора.
Македонија
Побаран притвор за четири лица за пожарот на отпадот во Трубарево

Основното јавно обвинителство Скопје, по анализа на сите докази прибрани во предистрагата до овој момент, денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири физички и едно правно лице за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад.
Обвинителството издаде наредби за дејствија и проверки со кои обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека првиот осомничен, иако формално не бил запишан како управител на правниот субјект во кој непрописно се складирал отпадот, сепак реално настапувал и преземал правни дејствија во односите со трети лица. Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде формален управител била неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање на отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање.
Затоа во истрагата се опфатени тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери.
Третиот осомничен е овластено лице – раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад.
Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање на работен однос во правниот субјект, сепак преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
На 13 септември, објектот со непрописно складиран отпад се запалил. Поради обемот и опасноста, пожарот не можел да се стави под контрола и зафатил најголем дел од складираниот електричен отпад како и објектите на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на РС Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост.
Имајќи ги предвид дејствијата на осомничените и ризиците за постапката, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите тројца побарано е определување куќен притвор.
Во исто време, продолжува да се испитува потенцијална одговорност и на други лица, а јавниот обвинител издава наредби за обезбедување докази по кои постапуваат надлежните органи.
Македонија
СДСМ: Советници открија дива депонија во Илинден, наместо расчистување, добија закани од власта

Кандидати за советници од редовите на СДСМ и Коалицијата денеска наутро алармираа за постоење на дива депонија во с. Миладиновци, општина Илинден, и предупредија дека постои сериозен ризик ситуацијата со загадувањето од Дрисла и Вардариште да се прошири и во овој регион.
Советниците објавија видеа и фотографии на своите профили на социјалните мрежи, а доказите ги доставиле и до директорот на Јавното комунално претпријатие во Илинден, Борче Мицановски со барање за итна интервенција.
„Наместо брза реакција, расчистување на депонијата и обезбедување на просторот, директорот на јавното претпријатие, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, се заканил на кандидатите за советници дека ќе ги пријави за „намерно потпалување“ на депонијата. Овој скандалозен однос е јасен доказ за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ но и на стравот дека ќе бидат казнети од граѓаните. Наместо да ги заштитат граѓаните и нивното здравје, наместо да работат и веднаш да преземат мерки во ВМРО-ДПМНЕ мислат дека со закани и обвинувања некого ќе замолчат или дека ќе побегнат од одговорноста. Ниту СДСМ ниту кандидатите за советници нема да молчат, гласно ќе зборуваат за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ во Илинден и ќе бараат решенија“, велат од партијата.