Македонија
Австриска бизнис-делегација предводена од амбасадорот Памер во посета на „Реплек“
Запознавање со капацитетите и развојниот потенцијал на компанијата, продлабочување на досегашната соработка и креирање нови можности за бизнис. Ова беа дел од целите за посетата на блиски соработници и пријатели на Република Австрија во Р.С. Македонија, предводени од амбасадорот на Австрија во Скопје Мартин Памер, на Реплек.
Во рамки на посетата, амбасадорот и бизнисмените од Австрија имаа можност непосредно да се запознаат со дел од производствените капацитети на Реплек, конкретно во сегментот на производство на лекови, како и со стандардите и строгата контрола на квалитетот кои се применуваат во целокупниот синџир на производството.
„Она што имавме можност да го видиме и да го слушнеме при оваа посета, само ги потврдија нашите претходни сознанија дека Реплек е современа компанија која е посветена и сериозно вложува во својот развој, креирајќи нови можности за луѓето и за нивната добросостојба и давајќи придонес за развојот на заедницата и земјата во целина. Поради сето ова, јас и мојот тим и понатаму со задоволство ќе ја користиме секоја прилика како што е оваа, да им помогнеме на компаниите како Реплек да ја претстават својата добра работа и да креираат дополнителни можности за соработка и партнерства со компании од Австрија, со што сите заедно ќе придонесеме кон натамошно унапредување на добрите економски релации меѓу нашите две држави и пријателството меѓу нашите народи“, изјави Амбасадорот на Австрија во Скопје, Мартин Памер, по обиколката на погонот за производство на лекови и лабораторијата за контрола на квалитет во Реплек.

Во текот на посетата, претставниците на стручно-оперативниот, како и на менаџерскиот тим на Реплек ја искористија можноста да ги претстават најновите технолошки достигнувања во производството на лекови, како и дел од производите од фармацевтската програма на Реплек, кои се помеѓу најпродаваните на пазарите каде што се пласираат.
„Голем дел од моето детство и почетоците во мојата професионална кариера се поврзани токму со Австрија. Тоа ми овозможи добро да се запознам со вредностите и начинот на кој функционира австриското општество и бизнис сектор и тоа знаење да го пренесам и употребам во управувањето со тимот, процесите и развојот на Реплек. Истовремено, австрискиот е еден од таргетираните извозни пазари за нашите производи, којшто има значаен потенцијал и нуди можности за натамошно проширување на нашето присуство. Оваа посета на реномирани претставници на австриската и македонска бизнис заедница и на неговата екселенција – амбасадорот Памер, е одлична можност да се претставиме во најдобро светло и да ги промовираме нашите вложувања во целокупната модернизација на компанијата кои веќе даваат забележителни резултати во сите сегменти од нашето работење, вклучувајќи го и проширувањето на нашето портфолио на производи“, истакна главниот извршен директор на Реплек АД Скопје, Душан Пецовски, заблагодарувајќи се за посетата на високата делегација од Австрија и можноста да се претстави компанијата и нејзините вредности и квалитети.
Реплек АД Скопје е извозна компанија која 75 % од своето производство во фармацевтскиот сегмент го пласира на над 20 странски пазари, вклучувајќи и земји членки на ЕУ, како и во земјите од Адриа регионот, на Блискиот исток, во Африка, Југоисточна Азија, и на пазарите во ЗНД. Минатата година компанијата ја заврши со раст на продажбата на домашниот пазар од 37 %, како и со раст на извозот за 43 % во однос на 2022 година.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

