Македонија
Агим Шаќири од ДУИ го спаси Вељаноски од притвор
Собраниската комисија за мандатно-имунитетни прашања, не изгласа предлог до Собранието, да му се симне пратеничкиот имунитет на Трајко Вељаноски.
Резултатот од гласањето беше 4 спрема 4. Во моментот на гласањето не беше присутен пратеникот од ДУИ, односно од владеачкото мнозинство, Агим Шаќири.
Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, рече дека иако не е донесен конкретен став, тоа не значи дека барањето е одбиено.
Најави дека ова прашање ќе биде пренесено за одлучување на пленарната седница на Собранието кога ќе се одлучи за имунитетот на Вељаноски за што се потребни 61 глас.
Расправата за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски изминатите два дена помина во жестока дебата меѓу пратениците од опозицијата и парламентарното мнозинство. Со реплики, контрареплики и паузи, пратениците се расправаа околу оправданоста да му се одземе пратеничкиот имунитет на Вељаноски.
Извештајот од Комисијата треба да биде испратен до претседателот на Собранието.
Вељаноски е еден од шестмината осмничени во истрагата на Јавното обвинителство за нарачателите на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.
Покрај поранешниот претседател на Собранието, осомничени се и поранешниот премиер Никола Груевски, разузнавачот Никола Бошкоски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски како и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре делови од Карпош и Кисела Вода
Без вода утре ќе останат делови од Карпош и Кисела Вода, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека на ден 30.12.2025 година ( вторник ):
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре без струја делови од Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров
Утре без струја ќе останат некои од корисниците од општините Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, на ден 30.12.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

