Македонија
Адвокатите на Клeментина: Судот да ја ослободи од обвинение, таа е жртва на Денис Тот
Ослободителна пресуда побараа адвокатите на Клементина Лефковска. Пред судот тие кажаа дека не се докажало дека таа му ги задала ударите кои предизвикале смрт кај Денис Тот. Бојан Василески, адвокат на Клементина, кажа дека неговата клиентка била жртва на Тот бидејќи ја малтретирал. Според него, Клементина се бранела од навредливи зборови кои ги упатил Тот.
„Со дејствијата на Клементина не се исполнети битијата за кривичното дело убиство, а судот треба да ја ослободи обвинетата од обвинение“, кажа Василески пред судот.
Според него, од доказите не се докажува дека ударите на Клементина се клучни за Денис Тот да почине по претепувањето.
„Не произлезе дека Клементина имала намера да го убие Тот, не постоела причина или мотив да го убие. Во нејзината свест немало волја да ја посакува смртта на сега починатиот туку сакала да се одбрани по неговото повеќечасовно малтретирање. Дејствијата кои ги презела Клементина биле во состојба на силна раздразнетост, предизвикани од Тот по повеќечасовно навредување и допирање по целото тело. Доказ дека Клементина не ја сакала смртта е фактот што по настанот ја следела состојбата на сега починатиот, му го мерела пулсот и се надевала дека ќе биде добро. Таа не правела масажа на срце бидејќи немало место, другите присутни го правеле тоа“, додаде адвокатот Василески.
Според него, нејасно е како настанала повредата без која Денис Тот немало да почине.
„Треба силен и убедлив доказ кој го сторил кривичното дело и на кој начин. Кога постои смрт не значи дека по автоматизам е сторено кривично дело убиство. За да се докаже ова кривично дело, потребно е да се знае со каква примена на сила, во кој дел од телото, како е нанесена, а сторителот да има умисла да го стори тоа. Во конкретниот случај, утврдија дека причина за смртта е нагмечување на големиот и ‘рбетниот мозок. Но остана нејасно како е нанесена таа повреда. Вештите лица не кажаа дека е од удар нанесен од обвинетата Клементина. Непостоењето на силен доказ дека Клементина ја нанела смртоносната повредата ја ослободува од кривична одговорност која ѝ се става на товар“, посочи адвокатот на Клементина.
За него, повеќе од јасно е дека Клементина не нанела удар со кој го убила Тот.
„Неспорно е дека презела дејствија против сега починатиот. Според нејзиниот физички капацитет јасно е дека таа не била способна да го убие Денис Тот дури и да го посакувала тоа. Клементина е слаба, ниска, со 40 килограми. Таа не може да нанесе повреда што ќе предизвика таква повреда. Овде сакам да потенцирам, дека Тот е несоодветно транспортиран во возилото на Брза помош, без задолжителна мобилизација на врат. Сите овие аспекти упатуваат на тоа дека не стои сигурен доказ дека Клементина ја предизвикала смртта кај починатиот за да се товари за убиство. Кривичното дело убиство е умислено кривично дело, односно за да се исполни битието, сторителот треба да го сака извршувањето или да биде свесен дека од неговото сторување може да настане штетната последица и да се согласи со постапувањето. Не произлезе дека обвинетата се согласила со смртната последица или сакала да го убие Тот“, кажа адвокатот.
Василески образложи дека Клементина се бранела.
„Пред донесување на одлуката, му предлагам на судот да има предвид што претходело на кривично-правниот настан, односно што го предизвикало истиот. Имено, од распитот на сведоците може да се заклучи дека токму оштетениот го предизвикал кривично-правниот настан и тоа со грубо малтретирање на обвинетата Клементина, која била буквално жртва на сега починатиот. Тој правел проблеми во дискотеката, имал агресивни испади, викал на повисок тон“, додаде адвокатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 04:00 до 08:00 часот, корисниците од населбите: Бутел и Север, општина Бутел, Топанско Поле и дел од Чаир, општина Чаир и Шуто Оризари и Визбегово, општина Шуто Оризари;
· од 07:30 до 15:30 часот, корисниците на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, броеви од 49 до 53, како и објектите во околината на Поликлиника – Идадија, општина Центар;
· од 08:00 до 16:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов, подулици бр. 10, 15 и 18, општина Аеродром;
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од улицата Финска, општина Гази Баба;
· од 11:00 до 14:00 часот, корисниците од улицата Крагујевачка бр. 9, општина Карпош;
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 16 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа вдолж Повардарјето повремено засилен ветер од северен правец, особено претпладне. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа и во почетокот на следната седмица нашето подрачје ќе се наоѓа во поле на висок воздушен притисок. Времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, освен во сабота кога ќе има зголемено наоблачување. Од петок по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.

