Македонија
Адвокатка на обвинети во „Диво Насеље“: Обвинителството нема цврсти докази
На денешната јавна седница за настаните од Диво Насеље каде одбраната ги изведува жалбените наводи пред петчлениот судечки совет на Апелацискиот суд за првостепената пресуда, адвокатката Артене Асени, бранител на дел од обвинетите, изјави дека обвинителството нема цврсти докази за да го поткрепи обвинението за тероризам.
Асени посочи дека во првостепената пресуда се наведени неколку детали кои се косат со вистинската ситуација меѓу кои и времето кога е формирана групата од Диво Насеље.
„Во пресудата е наведено дека групата е формирана на почетокот на 2015 година, кога точно е тоа? Според доказите испаѓа дека групата е формирана на 30 февруари 2015 година. Во пресудата исто така не се наведува кои објекти ги користела групата, кои членови кое оружје го пренесувале преку граница и кои се тие конкретни задачи кои ги имале обвинетите“, рече Асени.
Адвокатката додаде дека обвинителството за гонење организиран криминал доколку сакало да направи опис за тероризам морало многу повеќе да се потруди, но како и да е, според неа тоа не може да се стори бидејќи се потребни докази кое обвинителството ги нема.
Адвокатката побара одново да почне постапката за осудените во Диво Насеље.
Ова е втор ден како се одржува јавната седница за настаните од Диво Насеље. Вчера, осудениците во своето групно излагање побараа меѓународна истрага, рекоа дека не го признаваат судот и дека адвокатите кои им се доделени не можат да зборуваат наместо нив.
Осудениците пред Судот кажаа дека целиот судски процес е изрежиран од страна на коалицијата Груевски – Ахмети и побараа како сведоци да бидат прифатени експремиерот Никола Груевски, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, лидерот на ДУИ Али Ахмети, поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Стојанче Ангелов, Муса Џафери, Садула Дураку и останати високи поранешни и актуелни функционери на ДУИ.
По ова осудениците ја напуштија јавната седница која продолжи само во присуство на нивните адвокати.
Основниот суд Скопје 1 во 2017 година изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите од Диво Насеље, на 13 обвинети им изрече единствена затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица поради немање докази се ослободени од обвиненијата. На шеснаесет обвинети судот им изрече и казна протерување странец засекогаш од територијата на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

