Македонија
Адвокатот на жалителите во Стразбур: Судот не се изјасни за аболициите, туку за апликациите – нема простор за триумфализам кај Владата
Простор за триумфализам на Владата нема, а со решението на Стразбур не се одлучува дали важат или не важат аболициите дадени од претседателот Ѓорге Иванов. Вака адвокатот Влатко Илиевски за „Макфакс“ ја објаснува одлуката донесена од Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тој посочува дека откога Кривичниот суд, Апелација, па на крајот и Врховниот суд, ќе донесат пресуди за предметите, со што ќе се исцрпат сите правни лекови, ќе треба Стразбур да пресече за аболициите.
„Ова решение значи дека апликантите, односно жалителите, треба да ги исцрпат првин тука сите правни лекови пред националните судови за да може по добивање на конечната пресуда, каква и да е таа, да одлучат дали ќе поднесат нова апликација во Стразбур или нема да поднесат. Оваа одлука денеска е решение, со оваа одлука не се решава мериторно по однос на суштината на барањето (поништувањето на дадените аболиции од Иванов), туку од процедурален аспект се одбива како преуранета. Од тие причини сметам дека нема простор за голем триумфализам кај Владата дека е одлучено во нивна полза. Едноставно, треба да почека да се исцрпат сите правни лекови“, објаснува Илиевски за „Макфакс“.
Сепак, адвокатот посочува дека домашните судови ќе ги земат предвид аргументите, кои се дел од апликацијата доставена пред Стразбур, а во која се наведува дека еднаш дадена аболиција од претседател на држава не може да се поништи и таа е важечка.
„Можам само да изразам надеж дека националните судови ќе ги земат предвид сите аргументи што беа изнесени во апликацијата и дека ќе ги имплементираат соодветно во пресудите што претстојат“, додава Илиевски за „Макфакс“.
Според адвокатот, ова е шанса Врховниот суд да се произнесе по однос на валидноста на аболициите.
Прашан дали решението значи дека не е одлучено по прашањето дали аболициите се важечки или поништени, адвокатот Влатко Илиевски вели: „Да, не се одлучува по однос на тоа прашање“.
Претходно, Судот за човекови права во Стразбур донесе решение, во кое посочува дека апликациите за дадените и поништени аболиции од претседателот Ѓорге Иванов за четирите случаи на Специјалното јавно обвинителство се преуранети. Ова е донесената одлука во форма на решение наместо пресуда по шест години од апликацијата. Според Стразбур, во тек се судските процеси за четирите предмети, па сметаат дека тие може да донесат пресуда откога ќе се исцрпат сите правни лекови во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарски државјанин протеран од земјава, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина
Полицијата уапси бугарски државјанин на Граничен премин Деве Баир, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Според информациите на МВР, вчера во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Од Основен суд Крива Паланка му била изречена парична глоба и санкција „протерување на странец од земјата“ во траење од една година.
На 13.01.2026 во 02:10 часот Н.И.Л. е спроведен во Граничниот премин Деве Баир и е предаден на бугарските погранични полициски служби.
Македонија
МНР апелира македонските државјани да го напуштат Иран во прва можна прилика
Министерството за надворешни работи апелира сите македонски државјани што се наоѓаат во Иран да ја напуштат земјата поради влошената состојба.
„Поради влошената безбедносна состојба во Исламска Република Иран, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија апелира до македонските граѓани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика. Истовремено, се апелира да се одложат сите патувања кон Иран кои не се неопходни“, велат од МНР.
Министерството за надворешни работи ги има ставено на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон +389 75 268 736, електронската адреса [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Анкара: +90 539 456 97 10.
фото/епа
Македонија
Обвинителството бара притвор за лицето што ја искрши влезната врата на бугарската Амбасада
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 55-годишник осомничен за кривично дело – Оштетување туѓи предмети од член 243 став 2 од Кривичен законик.
Јавниот обвинител предложи судијата на претходна постапка да определи мерка притвор спрема осомничениот бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и околности го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело.

