Македонија
(Видео) Адвокатот на Пендиков за отсуството на обвинетиот: Секој што е сигурен во невиноста, ќе направи сè да докаже
Адвокатот Стефан Камишевски смета дека обвинетиот Илија Спасески за претепувањето на Христијан Пендиков требало да се појави на рочиштето ако е сигурен дека е невин. Според Камишевски, обвинетиот, намесно изговори, треба тоа да го докаже. Посочи и дека Пендиков сè уште добива закани, па додаде: „Не сум орган на прогон, ниту обезбедувач – дали е безбеден или не, не знам“.
„Секој што е 100 % сигурен во својата невиност, ќе направи сè за да биде присутен на судските рочишта и да ја докаже својата невиност. Во спротивно, претпоставувам, ќе си наоѓа изговори за да не доаѓа на судските рочишта. Мислам дека ваквите обиди за одлагање, ова, како и она што беше на претходното рочиште, кажуваат многу“, рече адвокатот Камишевски.
Со оглед дека го критикува непојавувањето на Спасески, беше прашан дали се сомнева во лажирање на медицинската документација за оправдување за отсуството.
„Не сметам дека медицинската документација е лажна. Сметам дека сите сме возрасни и секој може сам за себе да си процени“, додаде тој.
Судењето се одложи поради отсуство на обвинетиот, кој со документација од доктор докажа дека е болен, а судијата Бојан Мартиноски му подари верба.
Охридското Обвинителство поднесе обвинителен предлог против едно од лицата за кои се смета дека го претепаа секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид, Христијан Пендиков. Тој се бранел со молчење во текот на истражната постапка.
„На 19 јануари во кафе-бар во Охрид обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон своето возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со рацете и нозете по главата и телото нанесувајќи му тешки телесни повреди. Во текот на истражната постапка сега обвинетиот се бранеше со молчење, но сите околности беа проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видеонадзорот“, соопшти Обвинителството кога го поднесе обвинителниот акт.
Тепачката се случи на почетокот на јануари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Храна со истечен рок, лоши хигиенски услови, недостиг на санитарни книшки затекнаа инспекторите во маркетите низ државата
Приближно четириесет илјади евра во денарска противвредност е вкупната вредност на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава. Со акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија.
Кај 10 оператори, со контролите утврдени се полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично), за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки.
Кај 6 од контролираните меркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење.
Како небезбедени во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи).
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.

