Македонија
Адеми: Замената на Зибери со Александар Стојанов е доказ за потребата од формирање Виш Суд за еднаквост и антидискриминација
Разрешување на директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје Арбен Зибери и неговата замена со Александар Стојанов е срамен чин на политичка одмазда, напад врз слободата на говорот и демократијата. Арбен Зибери беше еден од столбовите во нашата борба против пандемијата, како директор за јавно здравје за Скопје, тој и служеше на земјата и на граѓаните со извонредна посветеност, изјави Арбен Адеми од ДУИ.
„ Неговите вештини и професионализам никогаш не беа доведени во прашање.Неговото отпуштањето поради изјава на социјалните медиуми, објавено во својство на кандидат за пратеник, не е ништо друго освен кукавички чин на политичка одмазда на владејачката македонска партија СДСМ. Причината е повеќе од очигледна, бидејќи пред само неколку дена чичкото на Арбен, Насер Зибери, ја објави својата кандидатура за прв премиер албанец на Северна Македонија, за да го оспори македонскиот дуопол на власта со што се соочуваме во оваа земја.
Допирањето на семејството на кандидатот од втората заедница во земјата е нешто што потсетува на автократски режими и мрачни времиња во нашата историја. Тоа е грубо и неприфатливо во модерната демократија. Тоа исто така, е и чин на дискриминација – Арбен не би бил отпуштен да беше македонец и не е случајност што неговиот наследник се нарекува Александар, туку е јасен пример на дискриминација и слаб обид на СДСМ за ефтини политички поени меѓу Македонски гласачи на избори.
Затоа, ја повикуваме Комисијата за антидискриминација да дејствува веднаш и да го испита овој случај. Од правна гледна точка, разрешувањето е против основното начело, кое што е слобода на говорот, и не се заснова на никакви професионални недостатоци на Др. Арбен Зибери. И да разјасниме: Ако дискутабилната изјава на Фејсбук е причина за неговото разрешување, половина од
министрите на СДСМ, вклучително и поранешниот премиер Заев, требаше да се повлечат од своите позиции неколку пати до сега.
За жал, ова не е единствен случај кај нас. Дури и ако сме постигнале еднаквост со закон, сепак се соочуваме со недостаток на политичка волја за спроведување на таа еднаквост. Сè уште има многу џебови на отпорност на еднаквост и исто така во многу случаи правдата е еднострана етничка. И покрај сите напори и реформи и зголемувањето на застапеноста во судовите, но и во другите државни институции, Албанците сè уште се соочуваат со обезправеност. Тоа е причината зошто ние бараме прв премиер албанец, затоа што дури тогаш македонските политичари ќе разберат дека немаат монопол на власта, дека живееме во XXI век, каде сите граѓани треба да имаат еднакви права.
Со премиер албанец ние сите ќе воспоставиме еден Висок суд за еднаквост, кој ќе ги испита сите еднострани етнички прашања во судството и администрацијата и каде Албанците и другите немнозински етнички заедници, можат да поднесат жалба против дискриминација. Овој Висок суд за еднаквост ќе има целосна моќ на Врховен суд и ќе може да ги поништи дискриминаторските одлуки на сите државни институции. Време е да се создаде еднакво општество во Северна Македонија, каде сите граѓани имаат исти права и можности“ порача Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Поплавени дворови и земјоделски површини, одрони на повеќе патни правци
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти најнови информации за последиците од обилните врнежи на територијата на Македонија – состојба заклучно со 09:00 часот.
Кочани и Штип
Кај Оризарска река во село Грдовци има излевање. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен. Од понеделник ќе започне чистење на речното корито на Оризарска река од Грдовци кон Оризари со цел да се спречат идни несакани последици.
Сообраќајот на патниот правец Кочани Грдовци е нормализиран.
На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони и Македонијапат интервенира за нивно расчистување.
Битола
Во населбата Стрчин КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја.
Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите.
Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река.
Елешка река е излеана и има поплавени земјоделски површини.
Нивото на водата во реките е во опаѓање.
Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка.
Нивото на Голема река е намалено од 2,20 метри на 1,40 метри.
Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен кои вршат обиколка и проценка на состојбата на терен. Состојбата е нормализирана.
Крушево
Поради поројните врнежи водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути.
Нивото на Црна река кај село Бучин е покачено но водата на местата каде што беше излеана е повлечена.
Екипи од ЈП Комуна, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежни служби интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки.
Демир Хисар
Локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Надлежните служби ја обезбедуваат локацијата.
Прилеп
Во селото Лажани пријавена е штета кај еден жител поради поплавен двор и приземни простории и оштетување на тутунот.
Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали.
Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен но СВР Тетово го има забрането сообраќајот од безбедносни причини.
Патот кон село Жерма и кон село Бродец е прооден.
Состојбата во село Стримница Општина Желино се следи континуирано од надлежните служби.
Македонија
Заладување и снег низ цела Македонија
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег.
Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 3 до 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре се очекуваат локални снежни врнежи и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, утринските температури на одделни места ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, додека дневните ќе останат под нулата.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.

