Македонија
Алексовски: Телефонот ми е дома, не е точно дека е пронајден кај Смилковско Езеро
Синиша Алексоски, советникот за национална безбедноста на експретседателот Ѓорге Иванов, е вториот сведок во „Монструм”, по Сашо Мијалков, кој дава исказ во судница. Тој сега е вработен во Агенцијата за разузнавање и на самиот почеток кажа дека не познава никој од обвинетите. Тој кажа дека со тогашната министерка на МВР, ескдиректорот на УБК Сашо Мијалков и ексдиректорот на БЈБ Љупчо Тодоровски, комуницирал само службено.
Пред да се случи настанот, Алексовски не добил во писмена форма податок дека ќе се случи нешто на критичниот ден кога беа убиени петте лица кај Смилковско Езеро. Но, усно бил известен за наводно присутна вооружена група во планини која ќе нападнела полициска станица.
„Секогаш пред верски празник се следат стандардните оперативни процедури. Се собираат податоци за намери за терористички упади од екстремисти кои можат да извршат напади на верски објекти, каде има голема фреквенција на луѓе. Во тие планови се опфаќа и движењето на претседателот. Стигаа известувања од полициски службеници, воени лица, овластени лица во УБК. Во еден од тие имав полициска дојава на податок, односно интерпретација на податок од страна на полицискиот службеник Зоран Трајковски, кој кажал дека има група која се движела по планините и може да изврши напад на полициска станица. Јас се видов со него и го прашав дали е изворен податок или интерпретација на податок, како и дали напишал оперативна информација. Ме извести дека со податокот ги известил припадниците на воената служба и припадниците на регионалното одделение на УБК во Куманово. Неговото барање беше доколку јас имам податоци, да ги споделиме и размениме, а јас му напомнав дека секоја година има дојава на полуинформации”, рече Алексовски.
По настанот, сите се јавувале и сите се знаеле, рече Алексовски, кој напомена дека добивал пораки, меѓу другото и од Зоран Трајковски.
„Може да станува збор за поранешен полициски службеник Башким Бајрами, а според местото на настанот, тој живее на сто метри од местото на убиството. Во тој момент тој беше во бегство, па кажа дека дека доколку тој се враќал дома, би го користел тој пат”, додаде Алексовски.
Алексовски рече дека имал официјлни средби со семејствата на убиените деца, а се среќавале и неофицијално во домот на службеник кој бил задолжен за безбедноста на семејството Иванови.
„Првата средба со семејствата на жртвите беше во кабинетот на претседателот на државата, по нивно барање, за да ги презентираат оние материјали и разговори кои ги добиле од лидерот на СДСМ. Тоа беше официјална средба, каде беа изнесени одредени сомневања во однос на институциите и како тие постапувале со случајот, особено во делот на заштитата со класифицираност на одредени документи во предметот. На средбата беа и Ѓорге Иванов, записничар, генералниот секретар. Тие побараа дали имаме допис од странски претставници во врска со овој случај, за да им помогнеме. Неофицијални средби имавме во домот на Оливер Наќевски, кој беше личен службеник задолжен за безбедноста на семејството на државата и близок роднина на едно од убиените деца”, рече Алексовски.
Наќевски го известил Алексовски што било разговарано на средбата со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Алексовски обвини дека Заев изнел невистини за него, кога посочил на семејствата дека кај Смилковско Езеро е најден неговиот телефонски апарат. Истото на Алексовски му го кажал и адвокатот Насер Рауфи.
„Наќевски ме извести за средбата со лидерот на СДСМ, на којашто тој упатил сериозни сомневања за инволвираност на високи полициски службеници во случајот со пасивно или активно однесување, инволвирајќи ме и мене, дека наводно некој мој телефон бил паднат кај езерото. Лидерот на СДСМ изнесува невистини и клевети. Тој посочи и дека има сомневања за потеклото на возилото ‘опел омега’, за коешто лидерот на СДСМ посочил, цитирајќи одредби во пресудата, можно е да биде сопственост на МВР, а користено од единицата Алфи”, образложи Алексовски.
Синиша Алексовски остварил две средби со Зоран Заев , потврди сведокот, а биле во Владата и кабинетот на Иванов.
„Првата беше по мое барање, а втората по негово барање. На средбата беше соочен со извештаите кои првпат ги гледаше и баравме појаснување за тоа што го кажал на семејствата на жртвите и адвокатот Насер Рауфи. Заев негирал дека го споменал Алексовски, а кажа дека до него стигнувале секакви информации. Му кажав и на него дека во возниот парк на МВР нема возило ‘опел омега’. Неколку пати го прашав кој е изворот кој кажува лаги, но тој не ми одговори. Од него побарав да прекине да ми го злоупотребува името, на што одговори потврдно”, рече Алексовски.
Тој негираше дека го изгубил телефонот и кажа дека му е дома заедно со службената СИМ-картичка која тогаш ја користел.
„Јас јасно одговорив дека сè уште го користам телефонот ‘Нокиа Е6’, со целата содржина, сите разговори, како и СИМ-картичката која е службена од МВР, која, пак, ако сум ја изгубил ќе требало да направи дупликат, што не се случило. Во однос на возилото, кажав дека додека јас бев командант, а тоа е едно 30 месеци пред да се случи настанот, во возниот парк имало ‘опер вектр’”. За тоа возило имам потпишано налози за користење од службеници, за тоа има и податоци. По ноември 2009 не знам. Ова лесно може да се провери и отфрли како невистина. Во однос на прашањето дали имам други податоци зо случајот, ја објаснив мојата улога во кабинетот на експретседателот”, рече Алексовски кој потоа кажа дека со Наќевски имал и трета средба.
На последната средба, Алексовски рече дека Наќевски бил загрижен дали предметот ќе биде завршен, односно дали ќе останат истите обвинители или ќе има нови. Тој не одговорил на прашањата, а средбата била откако предметот бил во рацете на СЈО. Семејствата барале од Алексовски да побара информации од УБК, МВР и другите институции кои би им ги соопштил.
„Сè она што ние ќе добиеме, тие во соодветен начин ќе бидат известени”, рече Алексовски. За убиството кај Смилковско Езеро дознал од телохранителот на Маја Иванова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.
Македонија
Маскиран со „фантомка“ влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: притвор за 28-годишник
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.
На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.
На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.