Македонија
Алиу: За да бидат ефективни, реформите во стручното образование мора да се креираат заедно со бизнис-заедницата
Стручното образование во последниве неколку години бележи сериозни реформи во кои се вклучени Министерството за образование и наука, локалните власти и компаниите. Токму соработката помеѓу овие три системи и нивната кохезија, како и визијата за развој на стручното образование, придонесе за зголемување на бројот на дуалните паралелки во средните стручни училишта, а со тоа и зголемување на бројот на ученици.
Ова го истакна заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу на Регионалната конференција на земјите од Западен Балкан, под покровителство на ОЕАД и австрискиот парламент, на тема: Јавно-приватното партнерство за развој на меки вештини и изнаоѓање атрактивен начин за практичното учење која се одржа во Виена.
– Мора да се согласиме дека реформите на стручното образование се неприменливи, доколку во истите не се вклучени и компаниите како најзасегнати и примарни корисници на услугите кои ги нудат стручните училишта. Во учебната 2021/22 година во сите средни стручни училишта во Северна Македонија, имавме 97 дуални паралелки и 1400 ученици во истите. Оваа година имаме над 200 дуални паралелки и 2700 ученици. Минатата учебна година имаше 250 вклучени компании, а годинава има над 400, додаде Алиу, напоменувајќи дека расте интересот за стручно образование кај младите, но и интересот на компаниите да се вклучат во образовниот процес.
И двете страни, рече заменик-министерот, имаа корист од овој проект, односно учениците добиваат практична настава и знаења директно кај компаниите, а потенцијалниот работодавец обезбедува едуциран и стручен кадар кој е подготвен веднаш по завршување на образованието да се вклучи во производствениот процес.
– За создавање подготвени кадри, како Министерство делуваме преку три аспекти, односно унапредување на инфраструктурата, набавка на нови наставни програми и учебници и подигнување на мотивацијата за работа на наставниот кадар. Исто така во соработка со ЕУ и фондовите кои им се на располагање на земјите, отворени се и три регионални центри за СОО, истакна Алиу, додавајќи дека Министерството за образование и наука на учениците запишани во стручните училишта им доделува и стипендии, како дополнителен мотив за нивното стручно усовршување.
Воведовме, потенцираше Алиу, и стипендии за учениците од дефицитарните струки и од дуалното образование, што исто така помогна во подигнување на мотивацијата за упис во средните стручни училишта, како еден вид мотивација, но и поддршка на воспитно-образовниот процес на младите.
Според заменик-министерот за образование и наука, инвестирањето во младите и подигнувањето на интересот за стручното образование е инвестиција од која корист имаат и учениците и компаниите, но и државата.
На конференцијата, покрај заменик-министерот за образование и наука учествуваа и претставници од МОН, пратеници – членови на Комисијата за образование при собранието на РСМ, претставници на Центарот за стручно образование и обука, како и претставници на институциите кои се занимаваат со средно стручно образование од Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

