Македонија
Алиу-Кузмановска по повод Европскиот викенд на органодонорство: Дарувањето орган е надеж за пациентите
Министерот за здравство, Азир Алиу и заменик министерот, Јовица Андовски, учествуваа на работна средба по повод одбележување европски викенд на органодонорство, во организација на националниот координатор за трансплантација, Билјана Кузмановска и директорите на универзитетските клиники за дигестивна хирургија, Костовски, на урологија Шабани и на нефрологија Ѓорѓиевски.
– Континуирано сме посветени на унапредување на оваа дејност и стручно доусовршување на тимовите за трансплантација. Изминатиот период, седум доктори хирурзи и специјалист-нефролог беа упатени на обука во Република Турција за трансплантација на бубрези. Во сегментот на трансплантација на црн дроб, двајца хирурзи се едуцирани во Турција за трансплантација од жив донор. Само од почетокот на годинава досега, тимовите за трансплантација кои работат исклучително посветено и пожртвувано, извршија трансплантација на бубрези кај шест пациенти од починат донор, две трансплантации на црн дроб од починат донор, како и експлантации на коски и лигаменти, истакна министерот Алиу.
Одбележувањето на европскиот викенд на органодонорство е на иницијативна на Европската комисија со цел подигнување на јавната свесност за важноста на овој чин кој спасува човечки животи.
– Дарувањето орган претставува највозвишен акт на хуманост и солидарност, а воедно е надеж за пациентите – светлото на крајот од тунелот што им го спасува и продолжува животот. Нашата тенденција е што е можно почесто да зборуваме за органодонорството како исклучително значајна медицинска и општествена тема, рече министерот Алиу.
На денешната средба по повод одбележување на Европскиот ден на органодонорство – ден посветен на хуманоста, солидарноста и надежта, Кузмановска упати искрена благодарност до сите дарители и нивните семејства, кои дури и во моменти на најголема болка, донеле храбра одлука да подарат живот.
-Органодонорството претставува еден од највисоките изрази на човечка добрина — чин со кој се спасуваат животи и се дава втора шанса, истакна Кузмановска.
Директорот на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, Огнен Костовски информираше дека клиниката има направено голем исчекор во трансплантациите на црн дроб, кои се едни од најсложените трансплантации и претставуваат голем предизвик за медицинските тимови.
Башким Шабани, директор на Клиниката за урологија се осврна на унапредување на новиот Центар за трансплантација, кој е целосно реновиран, како и на континуираното зголемување на бројот на тимовите кои ја вршат трансплантацијата.
Исто така, директорот на Клиниката за нефрологија, Никола Ѓорѓиевски укажа на важноста на органодонорството, посебно за лицата со бубрежна болест, што претставува најдобар метод за нивно лекување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Постои нешто магично во оваа земја“: Проштална порака на Агелер до македонските граѓани
Американската амбасадорка Ангела Агелер ѝ се обрати на јавноста со отворено писмо по повод завршувањето на нејзиниот тригодишен мандат во земјава, истакнувајќи ја силната поддршка на Соединети Американски Држави и вербата во силата и храброста на граѓаните на Северна Македонија.
Агелер потсетува дека пристигнала во Скопје пред три години како десетта амбасадорка на САД и дека била, и останува, длабоко почестена од можноста да ја претставува својата земја. Таа наведува дека уште на почетокот на мандатот изразила силна вера во македонските граѓани и дека таа вера со текот на времето била потврдена и зајакната.
Во писмото, амбасадорката посочи дека во одредени сегменти е постигнат напредок, а во други останува уште работа.
Агелер потсетува дека 2025 година ја одбележала 30-годишнината од билатералните односи меѓу САД и Северна Македонија и наведува дека заедничката работа донела конкретни резултати во области како економски раст, енергетска независност, судска реформа, инфраструктура, образование, културна заштита и евроатлантска интеграција.
Агелер посебно ја нагласува личната димензија на мандатот, наведувајќи дека низ земјата била примена во училишта, цркви, судници и домови, и дека со граѓаните водела отворени и искрени разговори, дури и кога постоеле несогласувања.
„Постои нешто магично во оваа земја – нејзината неверојатна убавина, нејзината историја, традиции и култури; нејзините противречности и извонредната отпорност и изненадувачкиот хумор на нејзините луѓе наспроти големите предизвици и длабоките загуби. Сето тоа го споделивте со мене, и ја напуштам Северна Македонија со чувство на огромна благодарност за вашата љубезност, за вашата несебична дарежливост и за силата за која знам дека ја имате за да ја надминете секоја пречка што ќе се најде на вашиот пат“, порача.
Во завршната порака, амбасадорката нагласува дека САД секогаш ќе стојат покрај Северна Македонија и ја повторува својата верба во визијата за посилна, побезбедна и попросперитетна земја, целосно интегрирана како евроатлантски партнер и сојузник.
Македонија
Променливо oблачно време до сабота, а потоа врнежи од дожд и снег
Следниве денови ќе носат променливо време со постепено покачување на температурите, проследено со врнежи кон крајот на неделта.
Според прогнозата на Хидрометеоролошката служба, утре на територијата на Македонија ќе преовладува променливо облачно со подолги сончеви периоди. Претпладнево се очекува магла во поедин котлини. Ветрот ќе биде слаб и од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од -2 до 2 °C, додека максималните ќе достигнат од 6 до 10 °C.
За главниот град се предвидува променливо облачно со сончеви периоди и можност за магла претпладне. Температурите во Скопје ќе варираат од -1 °C минимална до 7 °C максимална.
Во наредните денови, до сабота времето ќе остане променливо облачно со пораст на дневните температури и појава на магла по одделни котлини. Забележителна промена се очекува од сабота кон крајот на денот, кога ќе започнат локални врнежи од дожд, а на планините од снег.
Неделата врнежите ќе се интензивираат, особено во попладневните и ноќните часови. Во тој период се очекуваат пообилни врнежи, кои на повисоките места ќе преминуваат во снег. Врнежите од дожд и снег ќе продолжат и во понеделник.
Македонија
(Видео) Филипче: Искрено верувам во ова што го правам, сакам да бидеме европско општество без корупција
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција потенцираше дека неговата работа е искрена, се темели на чесни намери и верува доколку граѓаните дадат доверба на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на некој следен циклус на избори да ја предводи владата, Македонија може да биде европска држава без корупција.
„Искрено верувам во ова што го правам. Јас сум човек што работи милиметарски прецизна работа и добро сум пресметал пред да се нафатам да го правам ова, што сакам, која е позадината и што сакам да постигнам. Сакам ова општество да заздрави, да биде исчистено од корупција, да се направат реформите да влеземе во Европската Унија затоа што тоа е стратешката цел“, рече Филипче.

