Македонија
Алијансата за Албанците: Хроничните болни речиси еден месец се без редовна терапија
„За жал, помина многу време откако состојбата во земјата, поради вирусот, премина во опасни насоки не успевајќи да се подобри состојбата и покрај сите мерки преземени од Владата токму поради нефункционалноста на државата и некомпетентноста на тие што ја водат. Алијансата за Албанците од почеток внимателно ја следи состојбата и постојано предлага мерки покрај оние што ги презема Владата, но овие препораки, поради политичката себичност на владејачките партии, за жал, наидоа на глуви уши. Но, ние не сме глуви и нема да молчиме затоа што грешките на Владата чинат животи“, соопшти партијата.
Според Алијансата за Албанците, факт е дека одлуките се носат на дневна основа, не постои стратегија за управување со вакви состојби и особено протокол за тоа, што резултира во земјата да има најголем број смртни случаи од вирусот во регионот (на 1 милион жители = 26 мртви).
„Не се работи за еден проблем затоа што здравствениот систем е оптоварен со многу долгогодишни проблеми за кои ние како партија постојано реагиравме и затоа денес долгогодишната небрежност на Владата ја отежнува ситуацијата со вирусот. Недостигот од инфектолози, епидемиолози, реаниматолози, елементарна заштитна опрема, преминот од дефанзивна на офанзивна заштита против вирусот во задоцнето време предизвика донесување екстремно ригорозни мерки, кои придонесоа повеќе контра ефекти отколку ефективни резултати, што кај пациентите предизвикуваа уште повеќе паника и чувство на несигурност.
Апсурдно е што хроничните болни пациенти не може да ги примаат своите терапии затоа што државата сè уште не обезбедила одредена клиника со деконтаминирани простории и како резултат на тоа речиси 1 месец овие лица не ги добиле своите терапии заборавајќи дека ги изложуваат во отворена опасност од постојните заболувања. Нетолерантно е што Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ во овој момент е претворен во работилница, на која се градат патишта од главниот влез до клиниката за заразни болести предизвикувајќи хаос, прашина и опасност од заразување на физичките работници. Многу клиники во рамките на Универзитетскиот центар ја минимизираа работата што го загрозува здравјето на граѓаните од други болести.
Фокусирајќи се само на еден проблем, Владата заборави илјадници други проблеми, кои еднакво го загрозуваат јавното здравство. Клиничката болница во Тетово не ги исполнува ниту основните услови за справување со вирусот бидејќи одделението за инфективни болести датира од 70-тите години на минатиот век, без никакви реновирања и соодветен персонал.
Болницата во Струга речиси ја дели истата судбина како таа во Тетово, во која немаше инфраструктурна инвестиција од 60-тите -70-тите години, иако ветувањата на ДУИ во секој изборен циклус ја вклучуваа и изградбата на оваа болница. Исто така, и Дебар ги плаќа празните ветувања на ДУИ, без никакви инвестиции во здравството.
Скандалите не завршуваат ни во болницата во Куманово и покрај неодговорноста на директорката на болницата од првиот случај на заразената жена, која почина, не обезбедувајќи заштитна опрема за персоналот, па сè до издавања боледувања за своите блиски вработени во болницата, и за неа сè уште нема ниедна забелешка, иако бројот на над 20 заразени од одделението за заразни болести и други одделенија требаше да резултира со нејзина оставка“, се вели во соопштението.
Според партиата, оваа Влада ги остава граѓаните без здравствен систем затоа што секој ден сме сведоци како лекари не ги примаат пациентите на прегледи од страв од инфекција.
„Како можеме да очекуваме оваа Влада успешно да го заврши овој предизвик кога граѓаните немаат каде да одат на лекување. Сепак, неоспорна е и работата на сите лекари и медицински сестри, кои неуморно работат во овие тешки времиња. Од друга страна, луѓето што се повикани да управуваат со ситуацијата ја користат оваа состојба како можност да се промовираат заборавајќи дека нивната неспособност нема да ја амнестира ниту едно нивно јавно обраќање“, велат од Алијансата за Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

