Македонија
Ангел Димитров: Република Северна Македонија не е подготвена да почне преговори за членство во ЕУ

Тешко е дека постои земја што повеќе од Бугарија би посакувала пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија. Но, секогаш има големо „но“, тоа ја одредува подготовката на земјата кандидат. Би сакал да кажам дека РСМ е подготвена да почне преговори за ова прашање, но не гледам причина за тоа“, изјави Ангел Димитров, копретседавач со бугарско-македонската историска комисија, во интервју за бугарски медиум.
Најави дека следниот состанок на заедничката историска комисија ќе се одржи в четврток.
„Ќе разговараме за тоа што го зборуваме 5 седници по ред. Заглавени сме во 10-11 век – крајот на Првото Бугарско Кралство, времето на цар Самуил и неговите наследници. Не остана време за разговор за заедничкото чествување на Гоце Делчев“, вели тој.
Според него, постои неподготвеност од страна на Република Северна Македонија да работи според научните принципи. Смета дека карактеристика на историската наука е упатувањето и почитувањето на фактите, изворите.
„За нив, ова е лизгава патека бидејќи нема историски докази да се зборува за постоењето на македонскиот народ, македонската држава и Самуил да биде македонски цар и врз основа на тоа да се почне сериозна дискусија“, вели Димитров.
Смета дека политичарите се секогаш на потег кога се во прашање билатералните односи.
„Историјата влијае насекаде, историјата дава аргументи, им помага на политичарите да ги разберат корените на современите проблеми, но тие не се оние што ги одредуваат односите. Целата одговорност е на политичарите“, додава тој.
Запрашан за иднината на заедничката бугарско-македонска комисија, бугарскиот копретседавач истакна дека колку и да изгледа бесплодна нејзината работа, таа го привлекува вниманието на јавноста во двете земји.
„Прашањето ги засега луѓето – читаат. Комисијата е показател за состојбата на билатералната комуникација“, рече Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерството за одбрана реагира на соопштението на СДСМ: Лицемерно, со манипулација на факти и со целосно извртување на вистината

„Лицемерно, со манипулација на факти и со целосно извртување на вистината – така се карактеризира соопштението од политичката партија СДСМ која се обидува редовна и навремена набавка која се спроведува години наназад и се однесува на потребите на Армијата и СИТЕ угостителски објекти на Министерството и Армијата, вклучувајќи го и Домот на Армијата, авто камповите во Дојран и Охрид, како и Хотелот „Шар“ на Попова Шапка, да ја претстави во сосема поинакво светло. Првенствено, треба да се има предвид дека набавеното кафе и пијалоци во угостителските објекти кои се од отворен карактер за граѓаните, се во слободна продажба, а приходот од продажбата повторно влегува во македонскиот буџет“, реагира Министерството за одбрана на соопштението од политичката партија СДСМ.
„Впрочем, имајќи предвид дека последните седум години со Министерството раководеа кадри на оваа политичка партија, кои ги правеле ИСТИТЕ набавки, се поставува прашањето – дали тие не знаеле што прават, дали се „луксузирале“ со народните пари или сега се обидуваат да стават сомнеж на функционирањето и побарувањата од не било која, туку најценетата и најпочитуваната институција во државата – македонската Армија?
Фактите се следни:
Набавката на кафе и алкохолни пијалоци е спроведена во јавна и транспарентна постапка. Целата документација, вклучително и тендерската документација, договорите и одлуките се јавно достапни на Порталот за јавни набавки и секој граѓанин, новинар или институција може слободно да направи увид, анализа и споредба со набавките од претходните години.
Набавката се однесува на угостителски објекти од отворен тип, кои се користат во рамките на протоколарни, воени и меѓународни активности, а не за „удобност“ на министри, како што лажно се тврди.
Години наназад е спроведена ИСТА ТАКВА НАБАВКА, која оваа година (во споредба со 2023 година) е со многу помали количини, на пример: ставката за алкохолни пијалоци е намалена од 50 до 88 проценти, а жестоките алкохолни пијалоци кои претходно биле набавувани се целосно отстранети.
Сумата на договорот во 2025 година е намалена за 15 проценти во споредба со 2024 година и за речиси 40 проценти во споредба со 2023 година.
Прашањата кои се поставуваат се логични: Или раководството од СДСМ кое го предводело Министерството не знаело што работи и што набавува или политичката партија влегува во едно црно сценарио во кое се обидува да ја вметне и македонската Армија.
Ги повикуваме сите медиуми да не ги земаат предвид ваквите дезинформации кои се пласираат во јавноста особено од страна на политички партии. Борбата со дезинформациите и манипулацијата со фактите е нешто против кое треба сите заедно да се бориме вклучувајќи ги и политичките партии, а не тие да потекнуваат токму од овие кујни.
Се работи за македонските граѓани и за Македонија и токму затоа не смееме да дозволиме граѓаните да бидат излажани“, се наведува во реакцијата од Министерството за одбрана на соопштението од политичката партија СДСМ.
Македонија
Од утре се нормализира сообраќајот на регионалниот пат Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен

Утре од 05.00 часот регионалниот пат Р 1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од Министерство за внатрешни работи, извести АМСМ.
Македонија
(Видео) СДСМ Прилеп: Заради протест на вработените, прилепчани останаа без градски превоз

„Систематски, како по книга, ВМРО-ДПМНЕ го уништува Прилеп! Неисплатената плата на вработените во Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови, е причина за тридневниот прекин на градскиот превоз во Прилеп. Како главни виновници за настанатата ситуација, вработените и директорот на јавното претпријатие ги посочија Општината, односно училиштата, кои на претпријатието му должат фантастични 7 милиони денари“, вели Саша Лепиткова, претседателка на Форум на жени на ОО СДСМ-Прилеп.
„Така, неспособноста на градоначалникот Борче Јовчески и аматерското водење на институциите од страна на директорите на ДПМНЕ, ги принуди прилепчани сами да се снаоѓаат и да го решаваат проблемот кој им го сервираше локалната власт.
Со тоа, после само два дена на виделина излегоа лагите за „успешното“ функционирање на локалните институции, кои преку таканаречениот „Отчет“ Јовчески и ДПМНЕ ги презентираа на партискиот „Саем на срамот“ во Скопје.
Лага е дека Општината набавила 5 нови минибуси за градскиот превоз, а уште поголема лага тезата за „огромните“ инвестиции во основните и средните општински училишта.
Да биде трагикомедијата поголема, токму лошото менаџирање на овие институции и нивната меѓусебна спрега, ги доведе во ќорсокак вработените во јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови.
Граѓаните на Прилеп немаат никаква дилема дека актуелната владејачка гарнитура на ДПМНЕ, е најлошата од постоењето на градот.
После обврските од 6 милиони евра кои Јовчески и ДПМНЕ му ги оставаат на новиот градоначалник, после испустените јавни претпријатија, прашањето кое се наметнува е – ќе имаат ли време до крајот на мандатот да уништат уште нешто?“, изјави Саша Лепиткова, претседателка на Форум на жени на ОО СДСМ-Прилеп.