Македонија
Ангел Димитров: Северна Македонија не ја прифаќа општата историја, го доведува во прашање договорот
Кога не сакаш да прифатиш основна формулација на самиот Договор за пријателство и добрососедство, односно дека има заедничка историја, тоа значи дека се сомневаш во примената на тој договор. Ова го изјави претседателот на бугарскиот тим од заедничката историска комисија меѓу Бугарија и Северна Македонија, Ангел Димитров, пренесува бугарскиот медиум „Бгнес“.
„За да може договорот да живее, мора да се преземат чекори во сите области на интеракција. Нашата комисија е само една од нив. За жал, како граѓанин го кажувам ова, а не како човек кој е директно вклучен во други области, дека нема напредок“, додал Димитров.
Резултатите од денешната средба ги оценил со нула, пишува „Бгнес“.
„Успеавме речиси да го комплетираме записникот од 12-та средба, која беше на почетокот на годината. Ова е исто така симболично. Резултатот е нула. Резултати нема“, кажал Димитров.
Информирал дека за февруари 2022 година е закажана 17-та седница на комисијата. Според него, во 2022 година се закажани вкупно 5 состаноци.
„Денешната средба ја одбележа она што се случи на 8 декември. Тогаш слушнавме дека Свети Климент ја создал македонската духовност. Уште во 2018 година донесовме неколку препораки, меѓу кои и за Светите браќа Кирил и Методиј. Велат дека нивната работа се развила во Бугарија. Истото важи и за делото на Свети Климент. Ова се дел од малкуте завршени резултати. За нив знае политичкиот врв на Северна Македонија. На 8 декември се вратија на старото толкување. Во овој контекст се случи и нашата неплодна средба. Разговаравме за цар Самуил и повторно разговорите не дадоа плод. Заглавени сме во 10-11 век. Се плашам дека и следната година ќе биде тешка работата“, изјавил Димитров за бугарската агенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Денес е Задушница – спомен за починатите
Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.
Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.
На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Македонија
Променливо облачно со дожд и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, а во попладневните часови и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на метар квадратен.
Како што соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува засилен, повремено силен ветер од југоисточен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Според најавите од УХМР, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на метар квадратен. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер.
Во понеделник во текот на ноќта и во вторник се очекува заладување со нови пообилни врнежи, кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Стабилизирање на времето се очекува од средината на следната седмица.

