Македонија
Андов: Тезите на ВМРО-ДПМНЕ дека затворениците намерно се ослободуваат се штетни, бараме извинување
По повод последните обвинувања од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот портпарол Наум Стоилковски, Казнено-поправната установа „Скопје“ остро реагира на изнесените наводи, кои се ноторни лаги и манипулации.
„Оддалечувањата на затворениците од отворениот и полуотворениот дел на затворот треба веднаш да престане да се злоупотребува од страна на политичката партија и со ваквите настани да се собираат политички поени. Дотолку повеќе што управата на затворот секогаш постапува во согласност со законите, правилниците, процедурите, констатирано и од Управата за извршување санкции, кој е наш контролор.
Тезите што ги наметнува политичката партија, а со кои сака да наметне дека затворениците намерно се ослободуваат, е штетна не само за угледот на казнено-поправната установа туку и за целиот затворски систем, кој е создаден за ресоцијализација на осуденици, сторители на кривични дела. Демант на ваквите наводи е фактот што осудените лица при оддалечување не само што експресно се пронаоѓаат од полицијата туку тие се враќаат во затворот и се сместуваат во затворениот дел на затворот во согласност со правилникот. Наметнувањето на тезата дека некој има интерес од пуштањето затвореници од затворот е неточна, но наметнува прашање дали во владеењето на минатата власт така се третирале затворениците? Сега извештаите на сите меѓународни и домашни институции се во насока дека установите не се логори, туку затвори во кои се ресоцијализираат осуденици во далеку подобри услови од порано“, велат од КПУ „Затвор Скопје“.
Партијата и портпаролот Стоилковски, додаваат од таму, треба да знаат дека за клеветење се одговара во согласност со Законот за граѓанската одговорност.
„За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед. Бараме од партијата и портпаролот во рок од 48 часа извинување за сите изнесени манипулативни, тенденциозни и неточни наводи, затскриени зад прашања, претставени на прес-конференција. Во спротивно, најавуваме соодветна постапка за утврдување одговорност пред надлежните институции“, посочува директорот на затворот во Скопје, Филип Андов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Кисела Вода денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Претпладне сончево со умерена облачност, попладне зголемување на облачноста
Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

