Македонија
Андоновска: Пред два месеца баравме ЈСП и Арсовска да кажат што се случува, но одговор нема
Главниот приоритет на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е јавниот интерес, а јавниот интерес подразбира квалитетен, навремен јавен градски превоз. Но, дали ние во моментот имаме таков јавен градски превоз? Одговорот е не, вели советничката во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, на денешната седница.
Андоновска истакна дека скопјани немаат соодветен јавен градски превоз, а останатите што не го користат се соочуваат со сообраќајниот хаос, посочувајќи дека сето ова е поради неспособноста на Арсовска и директорот на ЈСП да го решат проблемот.
Зошто? Затоа што и оние што го користат и оние што не го користат јавниот градски превоз ја гледаат реалната слика во моментот, а тоа е преполни автобуски станици, чекање на автобуси подолго од еден час, а од друга страна, блокиран главен град, приватни превозници што си ги бараат своите права затоа што Градот и ЈСП им должат, и немаат финансиски средства да си ги прехраната своите семејства. Значи, имаме граѓани што немаат јавен градски превоз онаков каков што имале и каков што заслужуваат и превозници што си ги бараат своите права. И повторно ќе повторам, нашиот интерес е овој проблем да се реши и нашето барање е да добиеме релевантни информации врз основа на кои ќе може да се донесе решение и да се деблокира градот. Граѓаните немаат јавен градски превоз бидејќи градот и ЈСП во моментот не се способни да го обезбедат тоа, рече Андоновска.
Андоновска ја отфрли изјавата на секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров, како неважечка и лажна кога рече дека немале време да ги достават информациите до советниците за тоа што точно се случува во ЈСП укажувајќи дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата уште пред два месеца со протестот на вработените во ЈСП барале и од Градот, но и од ЈСП, да се достави информација за тоа што точно се случува во ова јавно сообраќајно претпријатие, но до денеска не добиле никаква повратна информација.
„Приватните превозници побараа средба со сите советнички групи, на кои сите советнички групи се состанаа со приватните превозници и на тој состанок сите советнички групи добија одредена документација од страна на приватните превозници. Е, сега, истото тоа сакавме да го добиеме и од ЈСП за да видиме која е реалноста и да најдеме решение. Но, повторно ќе кажам – информации од ЈСП не добивме“, децидна е таа.
Андоновска уште еднаш упати апел до директорот на ЈСП и до Град Скопје да достават информација за тоа што се случува во ЈСП сѐ со цел да се изнајде соодветно решение во интерес на скопјани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

