Македонија
Андоновски во ЕК во Брисел: Дигиталната трансформација е приоритет на новата Влада во Македонија
Министерот за дигитална трансформација се обрати на 3-ти регулаторен дијалог меѓу Европската Унија и Западен Балкан, на кој присуствуваат Генралниот директор на Директоратот за поврзување (DG Connect), Роберто Виола, како и министрите задолжени за дигитализација од Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.
Андоновски ја истакна важноста на формирањето на новото Министерство за дигитална трансформација во Македонија.
„Неодамнешното формирање на нашето Министерство за дигитална трансформација означува значајна пресвртница во патот на Македонија кон безбедна и сеопфатна дигитална трансформација. Ова министерство го нагласува огромното значење што нашата влада и го придава на дигиталната трансформација како клучен приоритет за напредокот на државата.“ истакна Андоновски.
Андоновски ги подвлече најзначајните достигнувања на Владата во поглед на дигиталната трансформација во првите 100 денови од мандатот.
„Во првите 100 дена објавивме 80 нови електронски услуги, со што бројот од 120 се зголеми на 200 е-услуги. Очекуваме 100 нови е-услуги во наредната година, што ќе значи 100% зголемување во однос на претходниот 4-годишен период. Во првите 100 дена од новата влада го редизајнираме порталот за национални услуги, со цел да биде полесен пристапен, со подобро корисничко искуство, достапен за лицата со попреченост, потранспарентен и општоприфатен.“
Регулаторниот дијалог се фокусира на новите правила на Европската унија во врска со прифаќањето на вештачката интелигеција, законите за употребата на електронски документи и дигиталната економија, како и сајбербезбедноста. На маргините на регулаторниот дијалог, Андоновски оствари средби со Роберто Виола, како одговорен од Европската комисија за процесите на дигитализација, Валентина , директор на Директоратот за проширување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Времето денес облачно со повремени врнежи од дожд и засилен ветер
Времето денес ќе биде променливо облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен до силен ветер од југозападен правец (над 70 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд, локално пороен. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во утре ќе има преодно стабилизирање на времето. Од недела до вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во понеделник наместа врнежите ќе бидат пообилни и поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (над 70 km/h).
Македонија
Коалиции се градат со вредности, не со етнички поделби, му порача Мицкоски на Касами кој најави поддршка за ДУИ во Кичево
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагираше на изјавата на лидерот на Беса од „Влен“, Билал Касами, кој во интервју за албанската телевизија Сири најави дека во вториот круг од локалните избори во Кичево ќе го поддржат кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, а не кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски.
Мицкоски во својата изјава порача дека политиката не смее да се гради врз етнички теми и шовинизам, туку врз вредности и заедништво.
„Сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката, нека го видат и нека научат од примерот на падот на ДУИ, ќе разберат на што мислам. Тоа е добра лекција и за други политичари на македонската политичка сцена, кои мора да разберат дека за да бидеме коалициони партенри треба да се обединиме на овие избори и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики“, изјави Мицкоски, во денешното обраќање на настанот по повод Денот на македонската револуционерна борба.
Тој истакна дека луѓето не треба да се третираат како контингенти гласови, туку како граѓани со свои судбини и убедувања.
„Ниту еден од нас нема гласови во џеб. Поддршката се гради со обединување околу вредности, а не низ призмата на етничка припадност. Во тој контекст, треба да се прифати дека поедини градоначалници станаа градоначалници поради волјата и поддршката на Македонците, која не треба да си дозволат да ја изневерат. Секој чекор има акција и реакција, а јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Касами рече дека по испаѓањето на кандидатот на „Влен“ во првиот круг во Кичево, природно е албанските гласови да одат кон ДУИ, претставувајќи го тоа како национално мобилизирање, а не коалициско.
Касами како кандидат на „Влен“ за градоначалник во Тетово, првиот круг го заврши со водство пред кандидатот на ДУИ, со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ кои немаа свој претставник поради договор меѓу владините партнери. Касами сега повика и на обединување на албанските гласачи и во Брвеница и Долнени, каде во вториот изборен круг на 2 ноември ќе се соочат со ВМРО-ДПМНЕ, со што се обидува да ги придобие и подржувачите на Интегративците.
Покрај Тетово, претходно, во првиот изборен круг, ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа и кандидатите на „Влен“ во Чаир, Сарај и Струга, каде дел од трките продолжуваат во втор круг. Мицкоски и вечерва од скопската населба Аеродром потсети дека таа поддршка била дел од заедничките стратешки цели и оти очекува почит за жртвата што, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ ја дала за своите коалициски партнери.
„Понекогаш додека ги реализиравме овие стратешки цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, од Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата којашто сме ја дале за друг, не ја добивме и тоа нема да го заборавиме“, изјави Мицкоски.

