Македонија
Андоновски: Нема да дозволиме корупцијата и приватниот интерес да надвладеат над сајбер-безбедноста
Денеска, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше и се обрати на конференцијата „Business and Government: Aligning for a Secure Digital Future”, организирана од Американската стопанска комора. На настанот, кој собра повеќе од 150 учесници од бизнис заедницата, владини институции, меѓународни организации, граѓанскиот сектор и ИКТ професионалци, министерот Андоновски ја истакна важноста на соработката меѓу власта и приватниот сектор во процесот на дигитализација.
“Оваа конференција ни дава исклучителна можност да разговараме отворено и да ги усогласиме приоритетите на бизнис секторот со владините иницијативи, да дискутираме за модернизација на регулаторната рамка и да најдеме начини како заедно да го прошириме пристапот до електронските услуги,” нагласи министерот Андоновски.
„Како Влада нема да дозволиме корупцијата која го владееше јавниот сектор, мотивирана и од приватниот интерес на компаниите негативно да влијаат на системот на сајбербезбедност.“
„Во изминатите три месеци скоро го дуплиравме бројот на достапни електронски услуги, а бројот на поднесени барања на порталот за е-услуги, uslugi.gov.mk е зголемен за над 150%.“, истакна Андоновски.
Министерот додаде дека заедно, Владата и бизнис секторот можат да креираат дигитален екосистем, кој не само што ќе се прилагоди на денешните потреби, туку и ќе ги предвиди можностите на новото време.
„Знам дека за многумина од вас времето е пари, а инвестициите бараат сигурност. Затоа, ќе создадеме околина каде вашите дигитални иновации ќе можат да растат и да се развиваат. Ќе поставиме јасни правила на игра, ќе обезбедиме модерна инфраструктура и ќе се погрижиме сите наши напори да одат во иста трансформативна насока“, истакна министерот во своето обраќање.
Конференцијата „Business and Government: Aligning for a Secure Digital Future”, е организирана од Американската стопанска комора со цел да се поттикне фокусирана дискусија за начините на кои бизнисот и власта можат да соработуваат за да ја забрзаат дигиталната трансформација и да преземат конкретни чекори кон дигитализација на институциите, бизнисите и општеството во целина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова по повод Светскиот ден на ромскиот јазик прими припадници на ромската заедница
По повод 5 Ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик, претседателката Сиљановска-Давкова, денеска прими претставници на Ромите: средношколци од Скопје, медиумски и просветни работници, како и поети.
Соговорниците постигнаа консензус за потребата од кодификација на ромскиот јазик, отворање катедра за ромски јазик и овозможување на учениците Роми, да го изучуваат ромскиот јазик не само во училиштата во Скопје, туку и ширум републиката.
На настанот беше прочитан дел од предговорот од првата ромска граматика од Шаип Јусуф. Исто така, беа прочитани стихови од делото „Бели патишта“ на авторот Селим Азис. Авторот Сафет Камбер прочита стихови од делото ,,Слово на душата”, меѓу кои: „Kana ka dikhe chorole sijam, numaj ki atma phiravaja barvalipe. Kamipe bizo sharti isi amen thaj sakoneske daja ole“. („Сиромашни сме по изглед, но во душата носиме богатство. Љубов безусловна имаме и секому ја даруваме”).
Претседателката изрази особено задоволство што првата граматика на ромски јазик, којашто е од непроценлива вредност за милиони Роми ширум светот, е создадена на македонско тло од професорот Шаип Јусуф.
Таа упати порака учениците да си го сакаат, почитуваат и учат ромскиот јазик, како незаменлива ромска татковина.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).

