Македонија
Андоновски: Новиот Uslugi.gov.mk ги доближува административните услуги до граѓаните како никогаш досега
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски се обрати на мултимедијалниот настан: „Национален портал за електронски услуги: нов изглед, нови електронски услуги“, каде што го претстави целосно новиот изглед на Националниот портал за услуги Uslugi.gov.mk
„Наследивме портал, кој, според податоците од Државниот завод за ревизија, просечно испорачуваше помалку од една услуга од корисник, со помалку од 120 илјади активни корисници. Македонија е 84-та според Индексот на ОН за дигитализираност од 190 држави, со пад од 30 места во споредба со 2010 година. Пред нас се Србија, Грција, Црна Гора, Албанија, Белорусија, Монголија, Молдавија“, изјави Андоновски.
„Новиот uslugi.gov.mk е целосно трансформиран за да одговори на потребите на граѓаните. Фактот што успеавме за помалку од три месеци да постигнеме ваква темелна трансформација е доказ дека кога постои јасна визија, професионален пристап и многу напорна работа, можеме да постигнеме резултати“, дополни Андоновски.
Министерот Андоновски ги анализира новите функционалности на редизајнираниот портал, како што се целосното ново корисничко искуство, надграден пребарувач, кој ги прави услугите достапни со еден клик до граѓаните и компаниите, прибирање фидбек од граѓаните за нивното искуство и презентирање на новите услуги кои се достапни на порталот. Андоновски особено се задржа на пристапноста на порталот за лицата со попреченост.
„Следејќи ги најновите правила на Светскиот мрежен конзорциум (W3C) – WCAG 2.2, новите функционалности на порталот додаваат можности за подобрување на изгледот погоден за лица со попреченост, со мапа и полесен и интуитивен изглед. Така гарантираме дека дигиталните услуги се навистина достапни за секој граѓанин., нагласи Андоновски.
На мултимедијалниот настан свое обраќање на панел-дискусија за новите услуги достапни на порталот имаа и претставници на Министерството за култура и туризам, Министерството за внатрешни работи, Фондот на ПИОМ, Агенција за храна и ветеринарство и Регулаторната комисија за енергетика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.

