Македонија
„Анима мунди“: Здружение формирано пред 2 месеца ќе биде во раководните структури во ЈП „Лајка“
Иако градоначалниокот на Скопје, Петре Шилегов, ветуваше дека во новото јавно претпријатие „Лајка“ за третман на бездомните животни ќе бидат вклучени невладините организации, сепак, во одлуките кои утре треба да се најдат на гласање во Град Скопје, за членови на Управниот и Надзорниот одбор се предложени партиски активисти и членови на здружение кое е формирано пред само два месеца.
На ова реагира Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ од каде велат дека иако постојат 10 години и континуирано вложуваат напори за надминување на проблемот со бездомните животни, не било ниту контактирано, ниту консултирано ниту, пак биле поканети да предложат соодветни лица за управните и надзорните структури во новоформираното јавно претпријатие.
„Како што е наведено во одлуките кои треба да се разгледуваат утре, од активистите од невладиниот сектор со искуство од сферата, Градот предлага членови од организација формирана на 21 март 2019 година, на кои пројавениот ентузијазам за оформување позитивни општествени промени временски им коинцидира со периодот на формирање на ЈП ‘Лајка’. Градоначалнику Шилегов, немаме ништо против никого, не нè изненадува што во управните и надзорните одбори си предлагате и ставате ваши подобни и/или партиски луѓе, но не го ставајте активизмот во уста напразно и лажно! Приказната дека ‘Вардариште’ е на активистите е манипулација и лага. Ова се некои ваши активисти кои сега првпат стапнуваат во ‘Вардариште’“, велат од „Анима мунди“.
Меѓу предложените членови на Управниот одбор на ЈП „Лајка“ е Мери Николова, сопругата на Агрон Буџаку, поранешен амбасадор во Франција. На листата има двајца активисти за заштита на животните, а за претседател на Управниот одбор се предлага Никола Савовски од СДСМ.
За членови на Надзорен одбор се предлагаат Фатмир Арифи, Радица Тодоровска-Алексовска и Сакип Аџами.
На листата нема ниту еден член на некое од постоечките долгогодишни здруженија за заштита на животните.
Советот на Град Скопје во февруари годинава ја донесе одлуката за формирање јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни „Лајка“.
Новото јавно претпријатие ќе се формира од постојните служби што досега функционираа во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, преземајќи ги сите активности како заловување на животните скитници, нивниот транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на животните на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани.
На седницата беше кажано дека „во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе бидат вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

