Македонија
Апасиев до директорот на ААВМУ: Дали приметувате дека медиумите ја дискриминираат Левица и нема никаков плурализам?
Лидерот на Левица, пратеникот Димитар Апасиев, на денешните пратенички прашања постави прашање и до директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, во однос на дискриминацијата и дискредитацијата на Левица во медиумскиот простор и не преземањето на никаков чекор за обезбедување на плурализмот:
„ААВМУ е регулаторно тело кое стручно врши надзор над примената на Законот за медиуми и Законот за аудио-визуелни медиумски услуги. Вие, почитуван, се ставате во улога на регулатор на Собранието, а не на медиумите. Давате соопштенија, извештаи дека Димитар Апасиев со неговиот “вулгарен, недоличен” говор, етикетира, дискредитира медиуми итн. Почитуван, ние во Собранието си имаме наш Етички кодекс и Вие не сте надлежни да оценувате како се однесуваат пратениците, туку сте надлежен да оценувате како медиумите се однесуваат“ – посочи Апасиев.
„Согласно Законот, Вие како ААВМУ сте должни да се грижите да се постигнат целите и начелата: да ја поттикнува слободата, грижа за заштита и развој на плурализмот и презема мерки кога е извршена повреда на овој Закон од страна на медиумите, а не од пратениците. Располагате до три вида надзори меѓу кој и посебен за заштита на плурализмот. Има одредби и глоби доколку не се придржува медиумот кон: хумани и морални вредности, заштита на достоинството, еднаквост во слободите и правата, отвореност на програмите за плурализам, непристрасно информирање, гарантирање на право на одговор и исправка…
Оттука, прашањето ми е: Дали Вие не приметувате дека една парламентарна партија со пратеничка група, Левица, од изборите до сега, не е повикана во НИТУ ЕДЕН национален медиум којшто Вие го контролирате, иако по Закон се должни да дадат плурализам на мислења?!“ – објасни и праша лидерот на Левица.
„И имате апсурдни ситуации: Се зборува за Интерпелацијата на Левица, ама таму зборуваат ЗНАМ, ДПМНЕ и СДС, а не Левица. Ме боли уво ако го мразат Апасиев, Вие имате законска обврска да се грижите за тој плурализам во медиумите.” – заклучи тој во прашањето упатено до Директорот Трајчевски.
По одговорот на Директорот на ААВМУ, Димитар Апасиев реплицираше дека медиумите не се придржуваат до Законот и начелата, а ААВМУ не презема никакви мерки за обезбедување на плурализмот и ја одржуваат биполарноста, истакнувајќи:
„Оваа држава не дала пет концесии за да се руга една партија, туку за медиумите да се однесуваат согласно Закон“.
На крај, Апасиев му порача на Директорот да не му држи предавања за однесување, туку да се грижи за почитување на неговите должности и надлежности, односно, спроведување на Законите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.
Македонија
Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување.
„Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот Буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој“, истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.
Националните паркови, како што беше нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја, туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.
Македонија
Нови авиолинии, повеќе туризам, посилна трговија: Николоски и амбасадорот на Црна Гора за поблиски врски меѓу двете земји
Заменик претседателот на Владата и министерот за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија, Зоран Миљаниќ.
На средбата се разговараше за актуелните состојби во двете земји, притоа акцент се стави за можноста за воспоставување на нови авиолинии и подобро поврзување на врските меѓу двете земји.
Вицепремиерот го запозна амбасадорот Миљаниќ со инфраструктурните проекти како и со реформските процеси што се спроведуваат во насока на исполнување на европската агенда, притоа беше истакната силната инвестициска активност во изградба и модернизација на меѓународните коридори, кои имаат силно влијание врз регионалниот развој и соработка.
На средбата се разговараше и за зголемување на економската соработка, трговската размена како и соработката во туризмот.
„Со амбасадорот разговаравме за подобрување на билатералните односи особено за можноста за воспоставување на авио поврзување меѓу двете земји. Исто така отворивме теми и за унапредување на трговската соработка, туризмот и се што е во интерес на двете земји. Црна Гора е наша пријателска земја и очекуваме дека во име на таквиот партнерски однос, соработката меѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период”, истакна вицепремиерот Николоски.
Двајцата соговорници се согласија на интензивирање на понатамошната соработка, посебно во делот на зголемување на економските односи меѓу Македонија и Црна Гора.

