Македонија
(Видео) Апостолски: Судот ја одложи оценката на обвинението за 27 април, ги немавме сите докази
Адвокатот на обвинетиот поранешен директор на УБК Владимир Атанасовски, Јордан Апостолски, рече дека судот го одложил рочиштето за оценка на обвинението за 27 април, бидејќи не ги добиле сите докази кои мора да ги имаат во согласност со правото на одбрана. Судот им дозволил да направат увид во доказите, по што повторно ќе биде одржано рочиште за оценка на обвинението.
Во врска со недозволувањето на новинарите да бидат присутни на рочиштето, Апостолски рече дека тие побарале од судот седницата да биде јавна, но судот го одбил барањето, со образложение дека јавноста е предвидена само за судењата, а не и за оценката на обвинението.
„Сметам дека сите судења треба да бидат јавни, особено бидејќи станува збор за сериозен настан”, рече Апостолски.
Во судот претпладнево дојдоа обвинетите и нивните адвокати. Според теоријата на обвинителството, обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.
Обвинетите, како што наведе Обвинителството, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, првин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ што кулминираа со насилното влегување во парламентот на 27 април 2017 година.
Организаторите ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието.
Критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во парламентот, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи извршители на насилство.
Во седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, двајца од обвинетите постојано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.
Извршителите на нападот се неправосилно осудени на вкупна казна затвор од над 200 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре прекин на водоснабдувањето во Маџир Маало
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре (29 декември 2025 година, понеделник) поради изведување на водоводен приклучок Ф200 мм на улица Титовелешка б.б., ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците од населбата Маџир Маало, на подрачјето на Општина Центар.
Прекинот ќе започне од 10:30 часот и ќе трае до завршување на работните активности, соопштуваат од јавното претпријатие.
Фото: pexels
Македонија
СДСМ: „Златната виза“ не е злато, туку налепница во пасош
Опозициската СДСМ реагираше на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ги како измислени вести и дефокус од главните теми.
Од СДСМ наведуваат дека визата претставува службен документ издаден од држава, кој овозможува влез, престој или транзит, најчесто во форма на печат или налепница во пасош, и дека секој граѓанин може да ги провери условите за визи на веб-страниците на надлежните амбасади.
„Со ова ја затвораме оваа бесмислена тема од кујната на ВМРО“, соопштија од СДСМ, додавајќи дека д-р Венко Филипче работи како доктор и не се занимава со градење згради, ниту со изградба на 42-катница во Дубаи со Зоран Заев, кој, како што наведуваат, веќе пет години е во политичка пензија.
„Откако утврдивме дека „златната виза“ не е злато, туку хартија во пасош, сакаме да им порачаме на граѓаните на Македонија дека токму поради вакви работи не сакаме да одговараме на лажните вести и измислените глупости на ВМРО, бидејќи тие служат за дефокус од главните теми, како што е прашањето за „мигранти за пари“ и криминалните тендери“, велат од СДСМ.
Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение наведоа дека Филипче, во свое појавување пред медиумите, рекол оти не бил бизнис-партнер на Зоран Заев во градбата на висококатница во Дубаи, но со тоа, според нив, потврдил дека Заев таму гради зграда висока 42 ката.
Од ВМРО-ДПМНЕ поставија прашања за тоа како Филипче дошол до „златна виза“ за Дубаи, тврдејќи дека претходно објаснувал оти ја стекнал поради наводен работен ангажман и преговори со тамошна болница, за кои, како што велат, досега не презентирал документи.
Партијата побара Филипче да одговори дали има или нема стан во Дубаи и дали „златната виза“ е поврзана со инвестиција од најмалку 500.000 долари, како и од каде потекнуваат тие средства.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да ги објави документите или да одговори од каде 500 илјади долари за златна виза во Дубаи и инвестиции
Во свое појавување пред медиумите, Венко Филипче рече дека тој не бил бизнис партнер на Зоран Заев во градбата на висококатница во Дубаи. Но со тоа, пак, потврди дека Заев сепак таму гради зграда висока 42 ката, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку допис до медиумите.
„После оваа јавна потврда, во јавноста се јавуваат нови дилеми, на кои Филипче треба да даде одговори, како на пример, како дошол до златната виза за Дубаи.
Кога пред извесно време во јавноста се појави темата со златна виза на Филипче за Дубаи, тој се правдаше дека истата ја стекнал поради работен ангажман додека бил во напредни преговори и разговори со некоја тамошна болница.
Тој отиде до таму за што тврдеше и дека сето ова е така и со докази и документи ќе го докажел.
Доколку Филипче навистина бил на работа во Дубаи, договарал работа во некоја болница или што и да има измислено за оваа лага, бидејќи веќе ни тој самиот не се сеќава, нема да му биде проблем да ги покаже документите.
Но, до ден денес, Филипче не покажува документи за некаков договор или преговори за работена ангажман со некоја тамошна болница. Тоа е така, најверојатно, поради тоа што таквите документи, очигледно, ги нема.
Од друга страна имаме сведоштво на Тома Аврамски, поранешен соработник на Зоран Заев, кој рече дека ја видел 42-катницата која тој ја гради и дека бил во зградата во која Заев и Филипче имаат станови.
Но, Филипче како што не објави документи за разговори за работен ангажман, така не одговори дали има или нема стан во Дубаи и дали тоа е причината за добивање на златна виза.
Колку за потсетување на македонската јавност, за да се здобиете со златна виза, во Дубаи треба да се има минимум инвестиција од 500.000 долари, но до оваа сума на пари не се стигнува со докторска и пратеничка плата.
Затоа, Филипче да не молчи, кога веќе не објавува документи за наводен работен ангажман, туку да одговори дали златната виза е поради влог во Дубаи од минимум 500.000 долари и на кој начин ги има тој заработено овие пари?
А ваквото темно минато создадено од двоецот Заев-Филипче треба да остане таму кај што му е местото, во минатото, а не да сака да ја предводи иднината на државата“, се вели во соопштението.

