Македонија
Апсолвирано е дека изборите ќе бидат редовни, а во врска со уставните измени не сакам Северна Македонија да се најде во друштво на БиХ и Косово, вели Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски дециден во врска со времето за одржување на изборите.
„Во однос на изборите имаме јасен став и тој е апсолвиран – дека ќе бидат редовни. Во однос на тајмингот, тоа е нешто за што може да се разговара. Во однос на тоа во кој месец ќе бидат, тоа е во согласност со роковите во Собранието и тука треба да седнат претставници на политичките партии на работно ниво, кои ќе разговараат за деталите“, порача Ковачевски.
Во врска со изјавата на шефот на државата, Пендаровски, за уставните измени, Ковачевски рече дека тој е докажан евро-атлантист.
„Дека процесот на обезбедување двотретинско мнозинство ќе биде тежок, се знаеше уште на самиот почеток, исто како што беше со преспанскиот договор. Треба да му се остави простор на ваков процес. Ова се одлуки, кои, за жал, секогаш некој во политичкиот спектар сака да ги искористи за свој личен ќар, да игра на емоциите на граѓаните, да игра на популизам, нешто што ќе му донесе личен или партиски бенефит на некои претпоставени избори. Политичари што се водени од личен интерес не може да направат ништо за својата држава. Од нас сега зависи дали Албанија ќе оди пред нас, како што Хрватска отиде пред нас“, рече премиерот.
„Не сакаме другите земји од регионот да отидат пред нас. Ги имаме Албанија, Црна Гора и Србија, кои преговараат, и не би сакал Македонија да се најде во друштво на БиХ и Косово во делот на преговорите со ЕУ. Земја што е лидер во европските интеграции во моментот и членка на НАТО треба да биде во друштво на другите земји во делот на пристапување“, вели Ковачевски.
Доколку уставните измени не бидат усвоени, Ковачевски предупредува на „изолација, чекање, блокади и на крајот повторно седнување на маса и размислување како да се заврши процесот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.