Македонија
Арсовска: Ако се работи за граѓаните со јасен план, Скопје ќе биде поубаво место за живеење
Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, вечерва оствари средба со граѓани од Гази Баба и посети повеќе населени места каде разговараа за проблемите со кои се соочуваат жителите од оваа општина. Граѓаните на овие средби истакнаа дека немаат време за чекање и слушање нови празни ветувања за кои не се сигурни дека воопшто ќе бидат реализирани од актуелната градска власт. Напротив бараат брзи и квалитетни решенија кои ќе ги решат суштинските промени со брзи и сигурни проекти, без одлагање.
„ Сè може да направиме само доколку навистина се сака, а ние заедно со скопјани ќе направи многу за нашиот град. Ако се работи домаќински, без да се краде и да се работи единствено во служба на градот и граѓаните, Скопје може да биде и ќе биде поубаво место за живеење за сите нас. И јас се обврзувам дека ќе ги реализираме сите работи кои им значат на сите скопјани. Не може во 21 век да има заборавени населби како што се Јурумлери, Трубарево, но и многу други населени места ширум градот. Немање фекална канализација, прекини во водоснабдувањето, неасфалтирани улици се само мал дел од проблемите со кои се соочуваат голем број жители од општина Гази Баба. Системски, со брзи и ефикасни решенија ќе понудиме подобар, поквалитетен живот за сите скопјани. Ќе понудиме сообраќајни решенија за растоварување на сообраќајниот метеж во овој дел од градот, ќе проектираме и нови водоводни кракови за чиста вода за пиење до секој дом во општина Гази Баба, нови автобуски линии и нови автобуски станици во секое населено место и повеќе зелени површини. Еден од петте мега паркови е предвиден за изградба токму во оваа општина“, вели Арсовска од средбата со граѓани во Гази Баба.
Таа од Гази Баба на скопјани им порача дека времето на ветувања без реализација е завршено и време е вистински луѓе кои се грижат за својот град да добијат шанса, да покажат дека Скопје може да биде убаво место за живеење како што заслужува секој еден граѓанин.
„Оние кои ветуваа нов тунел под Кале, училишта, гасификација на домаќинствата, булевар Хрватска во Гази Баба и надвозник во Автокоманда, ветуваа нови улици и зелени површини, како и ревитализација на парк-шумата Гази Баба, па дури ветуваа и по една овошка за секој средношколец, не реализираа ништо. И сега повторно со истата програма бараат доверба од граѓаните за уште нови четири години без притоа да дадат отчет каде и на што ги потрошија парите на граѓаните во изминатите четири години. Јас верувам дека граѓаните ќе ги казнат овие погрешни политики в недела, на 31 октомври. Доаѓа време на промени, за модерно Скопје, за Скопје на сите скопјани“, додаде Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење, соопштуваат од Авто-мото Сојуз на Македонија. Дополнуваат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Појава на магла и намалена видливост до 100 метри има на планинските премини Ѓавато и Стража.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
-Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, велат од АМСМ.
Потсетуваат дека од 15 ноември 2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Од АМСМ информираат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сезонски режим на сообраќај има на патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица каде што од од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Тошковски вели дека Безбеден град не познава имиња, функции или позиции, туку евидентира прекршок
Овој систем го развиваме со единствена цел за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди, повредите и загубените човечки животи, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Фејсбук објава, информирајќи дека денеска бил на терен, на локација, каде што се спроведува финалната верификација на камерите за автоматска детекција на сообраќајни прекршоци како дел од проектот „Безбеден град“.
Тој нагласи дека во оваа фаза се врши проверка на точноста на мерењето на брзината, при што утврдените отстапувања се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира сигурност и доверливост на системот.
Во првата фаза, додава Тошковски, камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата. Паралелно, вели министерот, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, особено на т.н. црни точки.
-Овој систем не гледа кој сте, туку што сте направиле. Тој не познава имиња, функции или позиции туку евидентира исклучиво прекршок. Законот важи еднакво за сите и само на тој начин ќе постигнеме поголема сообраќајна дисциплина и повеќе спасени човечки животи, нагласи Тошковски.
Македонија
Од ноќеска обилни дождови
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има врнежи од дожд, што наместа ќе бидат пообилни – над 30 литри на квадратен метар, проследени со ретки грмежи. На планините, врнежите ќе бидат од снег, информираа денеска од Управата за хидрометеоролошки работи.
– Во вторник претпладне сè уште во источните делови ќе има слаби врнежи од дожд во пониските и дожд и снег на повисоките места и на планините. Попладне времето ќе се стабилизира, а во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег, соопштија од УХМР.
За во Скопје, најавено е утре, почнувајќи од утринските часови, да има повремени врнежи од дожд, што попладне и во текот на ноќта ќе бидат пообилни. Се очекува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

