Македонија
Арсовска: Вработен во Ѓорче Петров имал дива депонија, клиент била Општината – канцероген отпад завршувал кај Лепенец
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, објави дека службите на Градот детектирале еколошка катастрофа на парцела од 4.000 квадратни метри приватен имот и 5.000 квадратни метри имот на Македонија, во близина на реката Лепенец, на само неколку стотини метри од новата прочестителна станица што ја гради Ѓорче Петров, а е финансирана од ЕУ.
Приватната дива депонија се наоѓа на парцела која е во сопственост на компанија што е под истраги за други дела, како и на лице вработено во Општина Ѓорче Петров во секторот финансии, а од неодамна е избран и за член на раководството на Синдикат на вработените во Општината, рече Арсовска.
Како што објави, одговорните по дојава биле фатени на самото место додека вршеле екоцид, спречени се во вршење нелегални активности, прибрани се докази, а состојбата е фотографирана. Дополнително, случајот е пријавен во МВР, а на самото место излегла и полицијата.
„Нема да дозволиме никој свесно и за профит да ги труе скопјани. Констатирано е дека приватната дива депонија се користела како бизнис од наведените лица, кои не само што предизвикале екокатастрофа со истурање отпад во заштитната зона на реката Лепенец туку и се осомничени за финансиски криминал. Прашањето е дали најголем клиент на овие лица, кои вршеле екоцид, е Општината Ѓорче Петров. Во документацијата во која се водела илегална евиденција може јасно да се констатира дека покрај градежните фирми и приватни лица од кои се наплаќало од 1.000 до 1.200 денари, најчест клиент што депонирал опасен отпад е Општината. На оваа локација од истата илегална евиденција може да се види дека меѓу 50 и 100 тешки товарни возила на ден истурале токсичен и канцероген отпад“, рече Арсовска додавајќи дека ова се случувало во изминатите две години.
Општината, како штo додаде градоначалничката, немала склучено договор со ЈП „Дрисла“ за одлагање комунален и општински отпад.
Арсовска случајот го оцени како скандалозен и криминален. Им се заблагодари на екипите на МВР за брзата реакција, но и за интересот, како што рече, да се стави крај на ваквиот тип на криминал.
Аросовска апелира што побргу да се процесира случајот, а најави и посебна кривична пријава за градоначалникот на општината Ѓорче Петров. Го повика да си поднесе морална одговорност и одговорност од функцијата градоначалник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

