Македонија
Арсовска: Град Скопје почнува со реализација на проектот за булеварот Хрватска, ветуван пред граѓаните, а не е реализиран повеќе децении

Град Скопје почнува со реализација на проектот за булеварот Хрватска, кој е ветуван пред граѓаните, а не е реализиран повеќе децении. Проектот е еден од најголемите инфраструктурни проекти по чија реализација Скопје ќе има сообраќајно решение со карактер на внатрешна обиколница околу централното јадро и со која се обезбедува побрзо и посигурно поврзување на општината Гази Баба со Чаир и Бутел. Со реализацијата на овој долгоочекуван проект во првата фаза се изведува подземната инфраструктура по што следува фаза на изведба од подвозникот кај Бутел до кружниот тек кај Автокоманда. Со ова сообраќајно решение се затвора вториот кружен прстен во Скопје, кој ќе го намали значително метежот во сообраќајот.
„Изградбата на булеварот Хрватска и водоводот по неговата траса се капитални проекти, чија реализација е неопходна за развој на Скопје. Иако ветувани со децении, досега не се преземени никакви чекори за негова реализација, а ова е првата градежна активност за реализација на овој проект, со што воедно се создаваат предуслови за надминување на предизвиците со нормалното водоснабдување за населбите Ченто, Стајковци, Сингелиќ, Инџиково и Хиподром“, истакна градоначалничката Арсовска.
Екипи од Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска на терен присуствуваа на почнувањето на градежните активности за вградувањето на игличестиот вентил на цевководот со профил Ф1600, со што ќе се постигне регулација на проток на вода кон населбата Железара, но тој ќе овозможи и поврзување на двата магистрални водоводни цевковода, едниот со профил Ф700 на булеварот Александар Македонски и другиот со профил Ф1600 по новопроектираниот булевар Хрватска. Изградбата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.