Македонија
Арсовска лута на Мицкоски за „Комунална хигиена“: Таквите политичари се најголемото ѓубре

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, порача дека претпријатието „Комунална хигиена“ се враќа во нормала. На лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, му посочи дека за политички поени прво креира проблеми, а потоа се преправа дека ги решава. Арсовска за Мицкоски рече дека е најголемо ѓубре, а од вечерва ќе почне и со негово чистење.
„Мафијашки структури ја блокираат работата на Комунална хигиена поради лични интереси. Станува збор за лица кои повеќе од 15 лица работеле само една смена – трета смена, спротивно на закон и Колективен договор. Повеќемина од нив не доаѓале на работа, сега дел од нив ја блокираа работата и не дозволуваат останатите 1.300 да ја работат работата. Иако нема најавено штрајк, тие извршија мафијашка блокада“, рече Арсовска.
Во врска со снимката на Косана Мазнева, директорка на „Комунална хигиена“ рече дека била во право кога кажала дека ќе се појават стаорци поради нечистење на отпадот.
„Вчера ниту институциите не ја спречија незаконската блокада. Ова е знак дека ниту правдата не функционира“, додаде Арсовска.
Комунална хигиена е веќе во нормала, функционира смената, се надеваме од утре ќе работи во целосен капацитет, додаде градоначалничката.
„Нема да дозволиме интересите на мафијашите да бидат пред интересите на граѓаните. Сакам да му порачам на Мицкоски дека е разобличен вечерва, бидејќи сака да креира проблеми на грбот на граѓаните, за политички поени. Таквите политичари се најголемото ѓубре. Од вечерва со чистењето на ѓубрето, ќе ги чистиме и нив“, посочи Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мемов: Дебар Маало е претворено во жртва на урбаното дивеење, Герасимовски е градоначалник со невино лице, без глас

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на денешната прес-конференција објави уште еден, како што велат, урбанистички скандал во општина Центар.
Според портпаролот, Никола Мемов, Дебар Маало, симболот на култура, урбана традиција и живеење со душа во срцето на Скопје, денес е претворено во жртва на урбаното дивеење и апсолутната незаинтересираност на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„Пред само 2–3 недели никна нова нелегална градба, односно ресторанот „Мечка“ се прошири буквално преку ноќ, на простор кој е јавен: на тротоарот, па дури и зафаќајќи дел од коловозот.
Узурпиран е простор наменет за пешаци и за движење на граѓаните, простор кој треба да биде за сите, а сега е дел од приватен бизнис“, рече Мемов и запраша:
„Кој го дозволи ова? Кој дозволи во срцето на Дебар Маало, на неколку чекори од улицата „Орце Николов“, а на само 200 метри од кабинетот на самиот градоначалник, да се узурпира јавен простор и да се изгради дел од објект?
Дали воопшто градежниот инспекторат на Општина Центар постапил на терен?
Дали постои било каков документ, одобрение или решение – или ова е типичен пример на дивоградба, „пуштена“ да никне преку ноќ?
Дали ова е Општина Центар или Див Запад, каде секој си гради што сака и каде сака?
Кој ќе ја понесе одговорноста што објектот и понатаму стои, како симбол на беззаконие и селективна правда“.
Мемов потенцира дека ова не е прашање кое може градоначалникот Герасимовски да го сокрие со молк, затоа што се случува на улица, пред очите на сите и како што рече тој, и пред очите на Герасимовски, бидејќи тој секојдневно се вози со неговиот скап велосипед по улицата „Дане Крапчев“.
„Ова е буквално во Вашето маало, на неколку чекори од Вашиот дом.
Па, ако тука не реагирате, како граѓаните да веруваат дека ќе реагирате воопшто.
Ова е срамота. Ова е слика на една неспособна и незаинтересирана општинска власт, карактеристична за владеењето на СДСМ.
Жителите на Дебар Маало секој ден гледаат како јавните површини се претвораат во приватни имоти. Како зеленилото исчезнува. Како тротоарите се претвораат во маси и тераси. Како јавниот интерес исчезнува, а на негово место никнуваат бетон, стакло и пари.
Го прашуваме актуелниот градоначалник Герасимовски:
-Како ќе им погледнете во очи на вашите соседи, на луѓето со кои живеете во иста населба, од кои имено барате и поддршка за втор мандат?
-Што ќе им кажете на жителите на Дебар Маало – дека не можете да ги заштитите ни од дивоградба под вашиот прозорец?
Дека не сте виделе што се гради на само 200 метри од вашата канцеларија?“
Тоа што го гледаме денес, вели Мемов е деградација, потценување и отворено понижување на жителите.
Тој потенцира дека ова не е само проблем со една дивоградба кај националниот ррсторан „Мечка“, туку ова е симбол на начинот на кој четири години се владее во Центар.
Македонија
Медицинските сестри бараат да бидат слушнати, реагираат дека не биле поканети на јавна расправа со министерот

Унијата на медицински сестри бараат да бидат слушнати, реагираат дека не биле поканети на јавна расправа со министерот иако, како што велат од таму, претходно им било ветено дека ќе бидат вклучени во истата.
„Како претседател на најголемата и најактивна унија на медицински сестри во државата, остро реагирам на начинот на кој денес беше организирана јавната расправа поврзана со прашања што директно ги засегаат медицинските сестри.
Иако имавме официјална средба со министерот за здравство, на која јасно се договоривме Унијата на медицински сестри, предводена од здружението ЗМСТАС „За-нас“, да биде вклучена во работните групи, денес не бевме поканети. Ова го сметаме за директно игнорирање на реалните потреби и гласот на професионалците кои секојдневно се на терен и го носат товарот на здравствениот систем“, вели претседателката на Унијата, Гордана Бешлиовска.
Таа додава дека медицинските сестри заслужуваат да бидат слушнати — не преку формални претставници, туку преку вистински, активни и професионално организирани тела, каква што е нашата Унија.
Бешлиовска бара објаснување зошто е прекршен договорот со министерот и бара итно вклучување на легитимни и активни претставници на медицинските сестри во сите идни работни групи и јавни расправи.
„Апелираме до институциите да престанат со формални и политички решенија кои ја маргинализираат сестринската професија. Особено разочарува фактот што токму овие денови, додека државата нè игнорира, медицинските сестри од Македонија испишуваат историја. Овој викенд, во Струга, се одржа четвртиот меѓународен конгрес на медицинските сестри и Регионалната ЕСНО конференција, со повеќе од 80 предавања и со присуство на еминентни имиња од регионот, Европа и САД. Тоа беше настан од највисоко професионално и научно ниво, кој уште еднаш ја потврди посветеноста, компетентноста и лидерството на македонските медицински сестри на меѓународната сцена“, вели Бешлиовска.
Македонија
Се намалуваат цените на горивата

Цените на бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе се намалат за денар и за денар и половина, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 7.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,660 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,931 ден/кг и сега изнесува 36,660 ден/кг.