Македонија
Арсовска лута на Мицкоски за „Комунална хигиена“: Таквите политичари се најголемото ѓубре
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, порача дека претпријатието „Комунална хигиена“ се враќа во нормала. На лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, му посочи дека за политички поени прво креира проблеми, а потоа се преправа дека ги решава. Арсовска за Мицкоски рече дека е најголемо ѓубре, а од вечерва ќе почне и со негово чистење.
„Мафијашки структури ја блокираат работата на Комунална хигиена поради лични интереси. Станува збор за лица кои повеќе од 15 лица работеле само една смена – трета смена, спротивно на закон и Колективен договор. Повеќемина од нив не доаѓале на работа, сега дел од нив ја блокираа работата и не дозволуваат останатите 1.300 да ја работат работата. Иако нема најавено штрајк, тие извршија мафијашка блокада“, рече Арсовска.
Во врска со снимката на Косана Мазнева, директорка на „Комунална хигиена“ рече дека била во право кога кажала дека ќе се појават стаорци поради нечистење на отпадот.
„Вчера ниту институциите не ја спречија незаконската блокада. Ова е знак дека ниту правдата не функционира“, додаде Арсовска.
Комунална хигиена е веќе во нормала, функционира смената, се надеваме од утре ќе работи во целосен капацитет, додаде градоначалничката.
„Нема да дозволиме интересите на мафијашите да бидат пред интересите на граѓаните. Сакам да му порачам на Мицкоски дека е разобличен вечерва, бидејќи сака да креира проблеми на грбот на граѓаните, за политички поени. Таквите политичари се најголемото ѓубре. Од вечерва со чистењето на ѓубрето, ќе ги чистиме и нив“, посочи Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Утре сончево време со температура до 15 степени
Утре во утринските часови ќе има појава на магла по котлините. Во текот на денот ќе биде претежно сончево и тивко, освен во југоисточните делови каде ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
До крајот на неделата нашата држава ќе биде под влијание на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла.
Македонија
(Фото) Колони возила чекаат влез во Македонија преку „Дојран“, „Богородица“ е затворен
Колони возила чекаат на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Ники“ (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси, информира АМСМ.
Според најновата информација од АМСМ, сообраќајот на ГП „Богородица“ (ГП Евзони) од 15 часот е нормализиран во двата правци.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.

„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Дојран, времето на чекање за излез од државата изнесува 30 минути. На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, информира АМСМ.

