Македонија
Арсовска, наместо да работи во интерес на градот и жителите, како на производна лента менуваше само директори, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

Данела Арсовска да се сврти зад себе и да види што направи за жителите на Скопје во изминатите три години на чело на Градот, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„И, секако, штом се сврти назад, Арсовска ќе види дека за цели три години локална власт во Скопје не направи ништо за Скопје и скопјани. Во своите три години власт Арсовска во неработењето за градот и жителите го надмина и својот претходник. За цели три години власт го остави градот да се дави во смет и ѓубре. Скопје е толку валкан, што е понечист град дури и од времето на Шилегов, кој е синоним за неработење.
Јавниот превоз е во ужасна состојба. Граѓаните со часови чекаат на автобуските постојки на овие ниски зимски температури за да им дојде автобус на ЈСП. Кај што нема автобуси, така и тие што ги има Арсовска не ги одржува и постојано се расипуваат. А некои од нив, поради нередовното сервисирање, возејќи, се запалуваат, така што го загрозуваат животот на патниците и воопшто на сите граѓани“, реагираат од партијата на власт.
Но, сепак, според нив, има нешто што на Арсовска ѝ оди и во што е, како што истакнуваат, рекордер.
„За нецели три години од мандатот како на производна лента смени 30 директори на јавни претпријатија и институции под надлежност на Град Скопје и тројца секретари на Градот, кои самата ги постави. А во моментот не се знае дали Скопје има генерален секретар.
Значи, наместо да работи за подобрување на состојбите во градот, Арсовска три години од својот мандат добиен од граѓаните се занимавала со лични и персонални прашања за раководителите на институциите избрани токму од неа“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
И сето ова, според нив, покажува дека нејзиното дејствување е на граница на лудоста, што ги загрозува безбедноста и животот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Аеродром и Гази Баба денеска без вода

По добиеното известување од ЈП Водовод и Канализација, Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје информира дека денеска поради планирани зафати без водоснавбдување ќе останат:
· поради изведување на водоводен приклучок ф 80 мм на улица Блажо Орландиќ бр.38 А, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците на потегот од булевар Србија до улица Тодор Чангов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности. (општина Аеродром)
· поради дефект во шахта (промена на прв вентил ф 2.5“) на улица Ташко Караџа бр.3, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Ташко Караџа, Трифун Хаџијанев и Христо Ботев од 09:00 часот до завршување.(општина Гази Баба)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне услови за краткотраен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 25 до 30 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Времето во наредните денови
Од петок до почетокот на следната седмица под влијание на серија влажни воздушни маси времето ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 20 l/m²). Во петок ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура значително ќе опадне (од 10 до 13 степени) во однос на денешната.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, изразувајќи почит кон неговата улога како глас на разумот и правдата во време на големи глобални предизвици и тектонски промени во меѓународниот поредок.
Според неа, водството на Гутереш отвора простор за спроведување на потребните реформи на светската организација, а одличното партнерство со тимот на ОН во земјава, резултира со значајна поддршка на реформите за владеење на правото, борбата против корупцијата и доброто управување – приоритети кои се клучни за македонската европска интеграција.
Сиљановска-Давкова му се заблагодари на Генералниот секретар на ОН за безрезервната поддршка на македонскиот пат кон ЕУ и за неговата позиција за потребата од забрзување на евроинтегративниот процес.
За претседателката, во интерес на ефективниот мултилатерализам, ОН треба да ја зајакнат својата улога и да бидат главната арена за справување со глобалните предизвици – од војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток, до климатската криза и спроведувањето на Агендата 2030.
Нагласувајќи ја важноста на женското лидерство, таа укажа дека активно се спроведува и Вториот национален акционен план за жени, мир и безбедност.