Македонија
Арсовска: Нова атмосферска канализација на улицата Кораб – над 16 милиони денари за подобрување на инфраструктурата во Карпош
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, извршија увид на реконструираната атмосферска канализација по улицата Кораб во општина Карпош.
– Продолжуваме со реализација на проекти за подобрување и унапредување на инфраструктурата во општина Карпош. За реализацијата на овој значаен инфраструктурен проект инвестирани се над 16 милиони денари. Новата атмосферска канализација на улицата Кораб го решава долгогодишниот проблем со поплавувањето на оваа локација во услови на обилни врнежи – истакна Арсовска.
Во рамките на овие градежни активности на улицата Кораб во општина Карпош е изградена нова атмосферска канализација во должина од 367 метри. Со реализацијата на атмосферскиот колектор со дијаметар 800мм по улица Кораб започнува прифаќањето на водите од отворениот канал кој се протега по јужниот дел покрај улицата Козле 1, како и водите од површините на улиците, крововите и дворовите на постојните и предвидени објекти со ДУП по улицата Кораб и оние кои гравитираат кон неа. Со реализација, пак, на новопредвидениот атмосферски канал со дијаметар од 1000 мм по источниот дел на улицата Јуриј Гагарин, приклучен во постојниот атмосферски колектор со дијаметар на цевка од 1000 мм по сервисната улица Јуриј Гагарин, со отворање на нова ревизиона – приклучна шахта, започнува прифаќањето на веќе канализираните води од атмосферската канализација со дијаметар на цевка 300мм од источниот дел на улицата Јуриј Гагарин.
– Продолжуваме со планираните инвестиции на ЈП „Водовод и канализација“, само во општина Карпош за улицата Софиска и улицата Кораб во изминатиов период реализирани инвестиции од над 24 милиони денари и истите се завршени во предвидениот временски период. Продолжуваме посветено да работиме на изградба на нова и на подобрување на постоечката водоводна и канализациона мрежа во Скопје, со цел зголемување на квалитетот на услугите за граѓаните – вели Перински.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За осомничениот за убиството на братот и снаата се бара притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за лице осомничено дека сторило кривични дела убиство според член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Против лицето беше поведена истражна постапка откако на 14 мај, при вршење семејно насилство, во семејниот дом во Стајковци, тој со умисла ги лиши од живот својот брат и снаата.
Осомничениот прво ја нападнал снаата, удирајќи ја повеќе пати со метална шипка по главата, а потоа го пресретнал и братот на кого исто така со шипката му нанел смртоносни повреди.
„По настанот осомничениот беше хоспитализиран. Бидејќи со подобрување на неговата здравствена состојба постои опасност тој да се даде во бегство, јавниот обвинител оцени дека мерката притвор е неопходна за непречено водење на истрагата, па до судијата на претходна постапка достави предлог за определување таква мерка“, велат од Обвинителството.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.