Македонија
Арсовска: Откривме луѓе трајно иселени во Германија дека земаат плата од „Комунална“, секој први си добиваат џепарлак
Некои од комуналците, кои останале без работа откако Косана Мазнева е директорка на ЈП „Комунална хигиена“, со години се иселени од Македонија, но сè уште секој месец добивале плати од ЈП „Комунална хигиена“, вели градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во одбрана на директорката против која викендов вработените се кренаа на бунт, па ѓубрето остана на улиците. Двете денес излегоа на прес-конференција, на која се обидуваа да објаснат дека вината за несобраното ѓубре е кај вработените во „Комунална“, а не во лошото менаџирање со јавното претпријатие.
„Ние откривме луѓе што се во Германија пет години, трајно се иселени и возат камиони, а примале плата. Сериозни се овие работи. Вие сите на 40 степени сте дојдени да ја работите професионално вашата работа, а некој во Германија си ужива и чека џепарлак да му дојде секој први, до 10-15 во месецот, за да земе пари од тоа што е пријавен во некое јавно претпријатие. Мора да се расчисти со овие работи“, рече градоначалничката Арсовска.
Таа ги искара сите што не го поздравиле обидот на директорката да расчисти со партиските војници вработени во јавното претпријатие.
„Наместо да излезат и да го поздрават тоа што првпат по 30 години независност некој се осмели да расчисти со партиски војници и вработувања, да расчисти со тоа да немаме нефер однос кон граѓаните, да расчисти со тоа и оние луѓе што чесно си заработуваат во ‘Комунална хигиена’ да не бидат омаловажувани и да не бидат третирани на начин на кој се третирани бидејќи некој друг ја зема истата плата, а не се појавил ниту еден час во текот на овие изминати години и години. Ако тргнете и ако го отворите случајот, по име и презиме ќе знаете кој точно од кога е пријавен и не се појавува на работното место“, објаснуваше градоначалничката Арсовска.
Вработените во „Комунална“ викендов се кренаа на бунт и не го собираа сметот откога директорката не им ги продолжила договорите за работа на неколкумина, а истовремено не ги примала на состанок синдикалните претставници, кои бараат зголемување на платите, исплата на К15 и бенефициран стаж.
Денес, Синдикатот соопшти дека вечерва ќе се вратат на работа, а вработените ќе продолжат да го искажуваат револтот на друг начин, преку легитимни процедури, кои нема да бидат на штета на граѓаните.
Неколкумина градоначалници на скопски општини синоќа се организираа и сами почнаа да го собираат ѓубрето, но депонијата „Дрисла“ не дозволи влез на камионите, па дел од ѓубрето ноќеска беше истурено во близина на затворената капија на депонијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ако сѐ било по пропис, зошто Владата не ги објавува листите со патници во авионот, прашува СДСМ
Доколку користењето на владиниот авион од било целосно согласно законите и прописите, тогаш зошто Владата упорно одбива да ги објави листите со патници, прашуваат од СДСМ.
„Што се крие од јавноста? Според Мицкоски, на Јадранско море прво отишол со комерицијален лет со семејството, па го продолжил одморот, па бил на вечера, поради што го прпошутил комерцијалниот лет за враќање па затоа морал да се враќа со владиниот авион од Сплит. Генералната декларација (General Declaration) е задолжителен документ во меѓународната авијација што се доставува за да се идентификува воздухопловот, неговиот екипаж и патниците и мора да се приложи за секој меѓународен лет. Еве, Владата нека ги објави документите, за да видат граѓаните кој се патувал со владиниот авион и колку тоа ги чинело“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека граѓаните го плаќаат авионот, летовите, трошоците за екипаж, одржување и гориво.
„Затоа граѓаните имаат право да знаат: Кој сѐ летал со владиниот авион? Колку точно чинел секој лет?Особено што нема пари за плати, нема пари за 600 евра минимална плата, се кратат 3 милиони евра од пациентите со ретки болести, се кратат 40 милиони евра од земјоделците. Ако сѐ било законски – објавете ги списоците. Ако нема што да се крие – покажете ги документите.Јавноста заслужува одговор“, велат од СДСМ.
Македонија
Наместо празните ветувања од СДС, работниците добија реално повисоки плати, приоритет на Владата е стабилна економија и раст на платите, велат од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на заштитата на работниците и унапредувањето на животниот стандард на сите граѓани, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е обезбедување стабилна економија во која трудот се вреднува, платите растат, а институциите функционираат одговорно и транспарентно. Со политики насочени кон реален економски раст, создавање нови работни места и почитување на колективните договори, се поставуваат темелите за долгорочна финансиска сигурност.
Со ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата, платите бележат реален пораст, а мерките што се спроведуваат се насочени кон подобрување на куповната моќ и стабилизирање на економските текови. Наместо празни ветувања, се реализираат конкретни политики што носат резултати.
Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, застанавме на страната на работниците затоа што постоеја сериозни проблеми како доцнење на платите, непочитување на колективните договори и обиди минималната плата да се отстрани од формулата за пресметка“.
Таквата промена, како што додаваат, ќе го прекинеше линеарниот раст и ќе ја ослабеше заштитата на илјадници вработени.
„Заедно со синдикатите поднесовме повеќе од 40 амандмани и го спречивме тој процес. Со тоа обезбедивме минималната плата да остане дел од системот, што овозможува со нејзиниот раст да растат и останатите примања“.
Денес, велат, разликата е очигледна. Според оваа партија, по две години управување со државата, не се зборува за барања, туку за реализирани обврски.
„Отворени сме за разговор за минималната плата, но одлуките мора да се носат институционално, преку Економско-социјалниот совет и со пристап што обезбедува економска стабилност.
Работниците заслужуваат стабилност, сигурни договори и политики што даваат конкретни резултати“.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

