Македонија
Арсовска-Томовска: Јазот меѓу можностите и потребите на жените лидери се помал
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска учествуваше на вториот ден од „Глобалниот самит на жени лидери 2017“, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија, а во соработка со Асоцијацијата на бизнис жени во Република Македонија.
Таа говореше на панелот „Лидери на дигиталната економија“, на тема: „Иднината, во време на дигитализација и мобилност“, при што се осврна на технологијата како професија која нуди многу можности, придонесува за отворање на нови работни места, и наоѓа примена во сите сфери на општеството.
Министерката воедно потенцираше дека Македонија уште во 2012 година од страна на Обединетите Нации, беше посочена како земја со најиновативен пристап во мотивирањето на младите жени и девојки да се вклучат во технологијата, преку иницијативата „Девојки во ИКТ“ која е се уште актуелна.
Истакнувајќи дека работните места во технологијата стануваат сé подефицитарни и дека јазот меѓу можностите и потребите е сé поголем, Арсовска Томовска порача дека информатиката не е само машка професија и дека на младите девојки и жени треба да им се сугерира да ја изберат, бидејќи оваа професија обезбедува сигурна иднина.
Дводневниот „Глобалeн самит на жени лидери 2017“, ги обедини жените кои се успешни во својата професија во најразлични области: политика, економија, дипломатија, претприемништво, новинарство. Учествуваа над 40 еминентни жени лидери во улога на панелисти и преку 300 гости од земјава и странство./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

