Македонија
Арсовска: 11-те милиони евра планирани за купување нови канцеларии за градоначалникот, јас ќе ги наменам за можности за младите
Актуелниот градоначалник на Скопје ја продал градската куќа и распишал оглас за купување нова градска куќа, информира на денешната прес-конференција кандидатот за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска.
„Дури противзаконски, среде избори, тој објавил оглас за оваа цел и планира да даде 11 милиони евра. Наместо да се потрошат 11-те милиони евра за нови луксузни канцеларии за градоначалникот, тие средства ќе ги вложиме во креирање иднина за младите. Во време кога младите заминуваат од земјава, во време кога многу малку се вложува во нивната иднина, во време кога имаме толку несредени работи во Скопје, на градоначалникот во заминување му е приоритет токму набавката на простор за луксузни канцеларии за него“, информира Арсовска.
Арсовска најави дека како иден градоначалник ќе вложи во креирање подобра иднина за младите. Дел од овие 11 милиони евра ќе биде наменети за реновирање на старата касарна во Аеродром, што во соработка со Општина Аеродром ќе биде пренаменета во центар за софтверски инженеринг и хаб за иновативни ИТ-стартап компании.
„Ќе финансираме реновирање на овој центар, каде што младите ќе имаат можност да ги надградуваат своите вештини и да градат кариера во најбрзорастечкиот сектор во земјата. На овој начин ИТ-стартап компаниите ќе имаат свои канцеларии, а младите нови можности за развој. Лицата што имаат желба да се едуцираат во областа на изработка на софтвер и програмирање во ИКТ-индустријата, како најбрзорастечка и најдобро платена индустрија, ќе имаат силна поддршка од Град Скопје и од мене како негов нов градоначалник“, потенцира Арсовска.
„Овој проект, всушност, ја дава разликата за тоа како функционира еден политичар, а како еден менаџер. Политичарот инвестира во канцеларии и во својата фотелја, а менаџерот во иднината. Време да ставиме крај на политиканството! Време е да ставиме крај на нефункционални решенија! Време е за брзи, квалитетни и сигурни решенија за градот Скопје! Не е време за непотребни трошења кога имаме толку многу проблеми во градот. Време е за вложување и создавање услови за отворање нови работни места. Време е да вложиме во иднината“, истакна Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

