Македонија
Арсовски: Во Скопје сум, да не ме мислат од СДСМ, сликата е од поодамна
Гледам ме споменуваат СДСМ на прес-конференции дека сум на одмор во моментов, да не ме мислат, не сум на одмор, во Скопје сум долго време со работни обврски и тоа го знаат и самите бидејќи молчеа за цензурата на нивната министерка за која ги прозивав изминатиов период, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, по информацијата од СДСМ дека тој летува на Монте Карло.
„Имено, да, се работи за слика од поодамна годинава и бидејќи ги интересира моето патување таму, еве ќе им објаснам. Бев на приватно патување со семејството на гости кај најблиски роднини од потесното семејство на мојата сопруга (нејзин дедо, татко на нејзин родител) кои живеат во Франција и сакаа да си го видат правнукот (син ми), бидејќи се повозрасни и со ковид-кризата и нивната возраст не го имаа видено откако се роди. Бидејќи живеат повеќе од 50 години во Франција и стекнале имот таму, летниот период си го поминуваат кај нив, секогаш изминативе 20 години, на местата кои ги споменуваат господава од власта дека сум ги посетил. Ако толку ги интересира, бидејќи на таа локација бев неколку денови и тоа на гости кај дедо на сопругата, морам да им потенцирам дека не потрошив повеќе отколку еден просечен одмор на кој било функционер на власта и СДСМ“, вели Арсовски.
„Но, сликата од мене и сопругата во моментов на СДСМ им е поважна за да се дефокусира целата јавност од реалните проблеми, а тоа се:
– историски најлошо менаџирање на власта
– историски највисок степен на корупција
– распродавање на национални интереси
– штетен протокол со Бугарија
– наместени тендери од прв до последен за провизии на луѓе блиски од СДСМ
– најзадолжена држава во регионот
– најнеуспешна Влада што постоела
– историски најниска доверба во судството од 8%
– покачувањето на даноците, инфлацијата и задолжувањето
– илјадници починати поради лошо здравство, од кое се обогатија со провизии крвавите раце на СДСМ
Никогаш не сум имал намера да се објаснувам за ништо, но во моментов го правам тоа затоа што се работи за дефокус и лага дека сум во моментов таму на одмор и дека се работи за луксуз и бидејќи мислам дека јавноста заслужува да знае кај сум бил, иако не сум носител на никаква државна функција и никогаш не сум бил и иако ова што го пишувам, тие што ме познаваат го знаат уште од моментот кога сум во брак“, додава Арсовски.
Ако мојата посета кај роднини е потрагична од сè што се случува во државава, додава тој, тоа е доволен показател дека власта дефокусира од реалните проблеми.
„И, да, со напади кон мене лично и моето семејство во обид за деградирање без ниту еден аргумент, во ниту еден случај нема да ме замолчат.
Затоа, од сега најавувам, многу набрзо јавноста ќе дознае за уште еден криминал на власта, криминал кој го имаат направено криминалците од СДСМ.
Мојот одмор чинеше ич пари, за разлика од милионите евра кои ги украдовте од народот, на криминален начин порадо кој ќе продолжам да се борам за да одговарате.
Воедно да им порачам да не бидат лицемери колегите од СДСМ, ваквите хајки што ги нарачуваат против мене ги нарачуваат од луксузните плажи и луксузни хотели, платени со парите на народот. Има разлика нели?“, прашува Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Џафери за порасната трева околу Владата: Градоначалничката доби соодветен одговор со изборниот резултат, граѓаните гледаат и вреднуваат
Техничкиот премиер Талат Џафери по денешниот отчет за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје, па од таму и изборниот резултат на партијата што ја предводи градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Разбирам дека има реакции по тоа прашање. Според процедурите и прописите, земјиштето е сопственост и во надлежност на Град Скопје. Според договореното и обврските, ‘Паркови и зеленило’ како јавно претпријатие што се грижи за изгледот на градот е надлежно и за оваа работа. Владата ниту има предвидено средства ниту, пак, може да предвиди средства за работи што се надлежност на друга институција. Во овој контекст, јас жалам што излезе вака, но, секако, и на изборите соодветен одговор доби и градоначалничката на градот Скопје во однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат, граѓаните оценуваат, вреднуваат и си го дадоа својот одговор“, рече Џафери.
Нова алтернатива, партијата која на изборите ја предводеше градоначалничката Данела Арсовска, освои 3.516 гласа, односно 0,35 отсто од гласовите на запишаните избирачи.
Македонија
(Видео) Џафери: Груби ниту е Влада ниту е партија
Ниту Европскиот фронт ниту ДУИ не повикува ниту, пак, мотивира на бојкот, беше оставено на слободната волја на граѓаните да ја изразат на гласачкото место, рече премиерот Талат Џафери на денешната прес-конференција.
Во однос на бојкотот на Артан Груби на вториот круг на претседателските избори, Џафери рече дека неговиот став е индивидуален и дека не став ниту на Владата ниту на партијата.
„Индивидуалните ставови не може да се претставуваат како генерални ставови на субјектот. Груби ниту е Влада ниту е партија. Јас имав изјава како премиер на избирачкото место и потврдив дека ги зедов двете ливчиња и гласав. Индивидуалниот став не е општ став по кој може да се извлече заклучок. Нека си е министер, индивидуа е во однос на Владата, не е став на Владата, ниту на партиските органи. Индивидуално може да каже што сака, тоа е слобода и на мисла и на изразување“, одговори Џафери и додаде дека не може да се повикува на одговорност.
Македонија
Главчев: Се надевам дека Северна Македонија ќе ја продолжи европската перспектива, повеќе нема да правиме отстапки
Се надевам дека Северна Македонија ќе ја продолжи својата европска перспектива. Од наша страна, немаме каде да правиме повеќе отстапки. Згора на тоа, позицијата што ја имаме е паневропска позиција.
Ова го изјави вршителот на должноста премиер на Бугарија, Димитар Главчев по победата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова на претседателските избори во Северна Македонија, јави „БГНЕС“.
„Да почекаме да видиме каква влада ќе се формира во Северна Македонија“, рече привремениот премиер.
Главчев додаде дека Бугарија нема повеќе да прави отстапки во однос на пристапните преговори на РСМ во ЕУ и ставот што го имаат е паневропската позиција.
„На нашите пријатели од Северна Македонија мора да им биде јасно дека ако не ги почитуваат барањата за прифаќање членство во ЕУ, тоа нема да функционира“.