Македонија
Арсовски: Кирацовски на суд призна дека бил на состанок со Силјан Мицевски, нека каже во кое својство
На ова рочиште, на кое сум тужен од страна на поранешниот пратеник и генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, конечно можевме да го кажеме она што граѓаните треба да го чујат, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Тужен сум за еден предмет каде што господинот Кирацовски ме обвинува како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ за клеветење поврзано со случајот ‘Рекет’“, објасни Арсовски.
Сепак, како интересен момент од рочиштето тој го издвои фактот дека Кирацовски пред судот одговорил на неколку прашања кои изминатата година, како што оцени партискиот портпарол, одбегнувал да ги одговори во јавноста.
„Денеска тој јавно призна пред судот дека се познавал лично со Силјан Мицевски, бизнисмен од неговиот град, од каде во тоа време е избран за пратеник од редовите на СДСМ. Се познавал лично со градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, и заедно со уште едно лице, Бојан Јовановски, бил повикан на состанок од страна на овие луѓе. Со бизнисменот Силјан Мицевски присуствувал и на состанокот поврзан со изградба на старски дом во Битола. Ова е една друга димензија на целиот случај, вклучително и на случајот каде што јас сум клеветен. Ова се прашања коишто беа јавно поставени претходно на наши јавни настапи, беа поставени од медиумите, беа поставувани од граѓаните коишто беа целите во прашалници“, истакна претставникот на ВМРО-ДПМНЕ по рочиштето.
Тој воедно ја искористи можноста јавно да го повика Кирацовски да излезе уште еднаш и да каже во кое својство бил на тие состаноци со споменатите лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

