Македонија
Арсовски: Филипче да го повлече сомнителниот тендер за стерилизација вреден над 13,7 милиони евра
Бледиот настап на Венко Филипче на неговото вчерашно гостување на еден национален медиум и повеќе од доволно покажува дека тој и самиот нема идеја што сака да постигне со тендерот за стерилизација, освен да воведе монопол на стерилизацијата во здравството. И нормално парите на граѓаните да завршат во нечиј џеб идните 15 години. Ова го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција.
Тендерот вреден над 13.700.000 евра, рече Арсовски, уште во првиот момент е сомнителен за јавноста и тие нејаснотии мора да бидат расчистени.
„Венко Филипче како доктор со искуство треба да е свесен дека околу ваквиот начин на стерилизација се поставуваат неколку многу важни прашања на кои Министерството треба да одговори пред воопшто да го почне овој процес, кој секако ќе биде на штета на пациентите, на здравствените работници и нормално на буџетот на државата, односно парите на граѓаните. Венко Филипче да одговори ако се централизира и регионализира службата, што ќе се случи со вработените кои веќе работат во постоечките служби за стерилизација дали ќе бидат дислоцирани или ќе влезат во составот на некоја регионална служба за стерилизација, и кој им гарантира дека тие воопшто ќе останат да работат на истото работно место? Што ќе се случи со постојните вработени здравствени работници и помошен персонал? Дали ќе останат на своите работни места или ќе има отпуштања и преместување на работници од една во друга институција, односно од еден во друг град, каде што ќе биде регионалниот центар?“, праша Арсовски.
Тој додаде дека тендерот по овој терк е планиран да воспостави монопол во наредните 15 години за стерилизација на клиниките.
„Дали се свесни Венко Филипче и СДСМ дека со овој принцип на централизирано стерилизирање постои можност да се доведе до прашање здравјето на граѓаните, кое е најважно во овој здравствен систем? Планирано е целата опрема што ќе се стелизира да се превезува до клиниките и болниците со возила и оттука нормално постои можност дополнително да има инфицирање и бактерии на инструментите“, додаде Арсовски.
Опозицијата му порача на министерот Венко Филипче да се преиспита и да го повлече тендерот, а веднаш потоа да си поднесе оставка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска во МАНУ: Квалитетот на високото образование драстично опадна, тоа мора да го промениме
Она што најмногу се коментира за Предлог законот за високото образование се условите за напредување во звања. Ако направиме споредба, не се високи како во други европски земји. Но, мора да ги поткренеме, затоа што откако беа укинати со законот од 2018 година, квалитетот на високото образование драстично опадна и тоа мора да го промениме. Го разбирам стравот на академската заедница, разбирам дека од една фаза треба да поминеме во друга, но критериумите кои ги предлагаме се достижни.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на дебата во МАНУ посветена на новиот Предлог закон за високото образование.
„Улогата на високото образование е да создава јавно добро, да создаде интелигенција која понатаму ќе ја развива државата. Да создава стручни, компетентни, но и емпатични и морални личности кои во иднина ќе обезбедат општествен просперитет. Од друга страна државата ги финансира високообразовните установи и оттука, треба да бара отчетност за трошењето на средствата и одговорност за постигнатите резултати“, рече Јаневска.
Законот, потенцираше министерката, нуди меритократија, интернационализација и мотивација за соработка која недостасува кај академскиот кадар, вклучително и научноистражувачка работа која е неделива од образовната. Рече дека предлог законот има можност за доработка, односно некои одредби ќе се променат по сугестиите на академската заедница.
Според неа, треба да се довршат сите јавни расправи, и потоа, кога ќе биде сé што треба коригирано, законот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР неколку дена, по што ќе влезе во владина процедура. Јаневска информираше и дека во текот на вчерашниот ден е објавен и Предлог законот за научно-истражувачка дејност. Членовите на МАНУ се согласни дека се потребни промени во високото образование, напоменувајќи дека сите забелешки кои ги имаат за законот, неделава ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.
Македонија
Стоилковиќ – Мацура: акцентот на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на нивното економско и политичко учество
Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со Татјана Мацура, министерка без ресор задолжена за родова еднаквост, спречување на насилството врз жените и економско и политичко зајакнување на жените во Владата на Република Србија.
На средбата беше изразена заедничката определба за продлабочување на соработката меѓу двете земји, со посебен акцент на точките кои нè спојуваат во областа на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на економското и политичкото учество на жените, како и за зајакнување на институционалниот дијалог по овие прашања.
Соговорниците разговараа за значењето на интегрирањето на родовата перспектива во политиките што се однесуваат на заедниците, имајќи ја предвид потребата од еднаков пристап до права, услуги и можности за сите граѓани, вклучително и жените од различни етнички и социјални средини. Посебно внимание беше посветено на економското јакнење на жените како предуслов за нивна поголема општествена вклученост и намалување на ранливоста.
Во таа насока беа разгледани можностите за понатамошна соработка преку размена на искуства и добри практики, експертска комуникација меѓу надлежните институции и иницирање заеднички активности во рамки на регионалните иницијативи.
Средбата беше оценета како конструктивна со изразена подготвеност за редовна комуникација и конкретни чекори во насока на зајакнување на билатералната соработка меѓу земјите во областите од заемен интерес.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.

