Македонија
Архитектите бараат јавен анонимен конкурс за зелената градина на ГТЦ
Асоцијацијата на архитектите на Македонија бара Град Скопје да распише јавен анонимен архитектонски конкурс за зелената градина на Градскиот трговски центар. Управниот одбор на Асоцијацијата донел едногласна одлука да не интервенираат во веќе подготвениот проект за зелена градина, како што од нив побарал Град Скопје.
„Сметаме дека е крајно неодговорно да се прават интервенции на ГТЦ (а и на кој било друг објект) со дониран проект, кој во голема мера за нас е неразбирлив, и кој не е во никаква релација со постојната обликовна структура на објектот. Како стручна организација во никој случај не можеме да дадеме идеи за негова преправка бидејќи, на крајот на краиштата, проектот има автор. Авторството, меѓу другото, подразбира и голема одговорност. Мешањето во нечие авторство се коси со основните начела на ААМ и Комората на овластените архитекти и инженери на Македонија за третман на архитектите како автори на едно дело“, велат од Асоцијацијата на архитектите.
Архитектите сметаат дека единствен начин за уредување на ГТЦ, кој е симбол на борбата на архитектите против проектот „Скопје 2014“, е преку јавен конкурс.
„Бараме процедури што ќе обезбедат изнаоѓање решенија за проблемите по пат на објавување јавен анонимен архитектонски конкурс, кој е основниот механизам и алатка за транспарентно и креативно дејствување на архитектонската професија и нејзино артикулирање во сферата на градското обликување. Како што години повторуваме, проектот не е само документ за да се добие одобрение за градење, туку тоа е, пред сè, авторско дело што го обликува културното милје на општеството. Наша заложба е не само ГТЦ туку и другите објекти од овој период, кои се од исклучително значење, да добијат статус на заштитени објекти како културно наследство. Овој процес знаеме дека ќе биде долг, но очекуваме дека во меѓувреме третманот и пристапот при вршење на неопходните интервенции ќе биде со огромна етичка и стручна одговорност. Овие објекти не смее да бидат третирани парцијално, туку за нив треба да се изготви целосен проект за реконструкција, која во зависност од средствата ќе може фазно да се реализира“, појаснува Асоцијацијата.
Архитектите се залагаат да се изнајде начин за промена на воспоставената пракса за решавање проблеми кај објектите од времето на модерната, кои се појавуваат од дотраеност, несоодветно одржување и несоодветни и нестручни интервенции во текот на годините.
„Бидејќи сме свесни за проблемот со прокиснувањето на покривот што го има ГТЦ и уште повеќе сме свесни дека планираната интервенција ќе претставува само уште една во низата лоши интервенции направени врз ГТЦ, можеме да одговориме на вашето барање со земање учество во подготовка и организирање конкурс за избор на најдобро решение, кое ќе биде во рамките на буџетот од веќе завршениот тендер, и со почитување на дел од материјалите што се дел од тендерот. Асоцијацијата на архитектите на Македонија стои на располагање да учествува во припремата на проектната програма и организацијата на конкурсот“, велат од Асоцијацијата на архитектите.
Ваквата реакција на архитектите доаѓа кога минатата недела Град Скопје претстави проект за уредување зелена градина на покривот на ГТЦ, без да распише конкурс, поради што проектот беше оценет како наметнат за трговскиот на ист начин како што се наметнуваше барокот. Поради рекациите и на архитектите и на јавноста, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов најави корекции на прокетот во соработка со Асоцијацијата на архитекти од каде , пак, стојат на ствот ГТЦ да се уредува на јавен конкурс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пожар во струмичко, поради силниот ветер огнот брзо се раширил
Пожар избувна денеска во 12.30 часот во атарот помеѓу селата Вељуса и Ангелци во Струмица, кој поради силниот ветер се ширел брзо.
Од Територијалната противпожарна единица Струмица соопштија дека била зафатена поголема површина од сува трева и трски.

„ТППЕ Струмица интервенираше со две ПП возила и шест пожарникари-спасители. Пожарот е целосно изгаснат околу 15.00 часот со што е спречено негово ширење и предизвикување поголема материјална штета“, велат од таму.
Во случај на пожар или друга природна непогода граѓаните може да се јават на 112 или 193.
Македонија
Милошоски на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од ЈИЕ во Будимпешта
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на 26 и 27 февруари ќе учествува на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, која ќе се одржи во Будимпешта, во организација на Националното собрание на Унгарија.
Станува збор за традиционален меѓупарламентарен форум што се организира од 2004/2005 година и претставува значајна платформа за политички дијалог и парламентарна соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа. Фокусот на конференцијата е насочен кон регионалната соработка, европската интеграција и заедничкото справување со актуелните политички, економски и безбедносни предизвици во регионот.
Во рамки на официјалната агенда, на 27 февруари ќе се одржи 12-тата Конференција на претседатели на парламенти, на која ќе учествуваат спикерите и шефовите на делегации од земјите на Југоисточна Европа, како и од земјите на Вишеградската група. Централна тема на првата сесија ќе биде „Состојбата на проширувањето во регионот на Југоисточна Европа“, додека втората сесија ќе биде посветена на „Економските инвестиции и енергетските поврзувања – предизвици и можности во регионот“.
На конференцијата се предвидени обраќања на високи претставници на земјата домаќин, како и на претставници на Европската унија и меѓународни организации, по што ќе следат дискусии и излагања на учесниците. Во завршниот дел е планирано усвојување на заедничка парламентарна декларација, како и билатерални средби меѓу делегациите.
„Собранието на Република Северна Македонија редовно учествува на оваа конференција, која претставува важен дел од напорите за унапредување на парламентарната дипломатија и зајакнување на европската перспектива на регионот“, пишува во соопштението.
Македонија
Предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост
Во Собранието се одржа настан на тема „Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, во организација на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со Зета – организација за попреченост и правда, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, Порака – Неготино и Еко – Живот – Кавадарци.
Настанот имаше за цел отворање институционален дијалог за унапредување на пристапот до здравствени услуги, подобрување на системските решенија и зајакнување на соработката помеѓу законодавната и извршната власт и граѓанскиот сектор, при што беа презентирани и наодите од анализата за предизвиците со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост, како и можните решенија поврзани со нивниот медицински третман, со цел обезбедување еднаков и достоинствен пристап до здравствена заштита.
Претседателот на ИППГ за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски, истакна дека правото на здравје е фундаментално човеково право, нераскинливо поврзано со правото на живот и заштитата на човековото достоинство. Уставот гарантира здравствена заштита за секој граѓанин, што претставува обврска институциите континуирано да го унапредуваат системот и да обезбедат еднаков, квалитетен и навремен пристап до здравствени услуги за лицата со попреченост. Собранието останува отворено за предлозите и искуствата на граѓаните со цел носење одржливи и инклузивни решенија.
Во активна дискусија присутните имаа можност да ги искажат предизвиците со кои се соочуваат при остварувањето на правото на здравје, како и предизвиците со кои се соочуваат институциите и другите чинители во оваа област. Беше нагласена потребата од континуирани реформи во здравствениот систем, унапредување на законската рамка, обезбедување финансиска одржливост на услугите и воведување механизми за следење на спроведувањето на политиките.
Како предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост се:
· Ортопедските помагала кои се обезбедуваат на товар на Фондот за здравствено осигурување, да бидат целосно усогласени со индивидуалните потреби на лицата со попреченост, да овозможуваат избор и да бидат со подобар и проверен квалитет, во согласност со современите медицински и технолошки стандарди;
· Адаптација на здравствените установи на сите нивоа на здравствена заштита со цел обезбедување целосна физичка, сензорна и комуникациска пристапност за лицата со попреченост, во согласност со принципите на универзален дизајн;
· Воведување задолжителна, континуирана обука за здравствените работници за работа со лица со различни видови на попреченост, со фокус на пристап базиран на човекови права, достоинство, недискриминација и информирана согласност.
· Унапредување на системот „Мој термин“, со воведување механизми за приоритетно закажување за лицата со попреченост, особено за лица со попреченост кои имаат потреба од поголема поддршка, хронични состојби.
„Настанот се одржа во клучен момент – кога се подготвуваат измените на Законот за здравствена заштита и претставува значаен чекор кон градење поинклузивен здравствен систем, заснован на еднаквост, пристапност и почитување на човековите права. На истиот беа донесени заклучоци во насока на унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, се наведува во соопштението од Собранието.

