Македонија
Ативистот Достовски доби условна казна: Ова значи дека ќе одам во затвор оти ќе го повторам делото

Активистот Филип Достовски, кој произведува масло од канабис, доби условна пресуда, рече неговиот адвокат Сашко Дуковски по судењето.
Адвокатот посочи дека Достовски не го сторил делото и затоа не се задоволни од одлуката на судот и истата ќе ја обжалат до повисоките судови, но и пред судот за човекови права во Стразбур.
„Апсолутно бев сигурен дека судот, согласно судската пракса која ја има, нема да собере храброст за обвинетиот да го ослободи од обвинение иако нема ни ‘д’ од доказ дека наводната неовластено производство било за некој друг. Никому во оваа држава не му е забрането да произведува што било за свои лични потреби. На крајот од денот, ако тој се самоубие, дали ќе одговара за кривично дело убиство? Нема. По истиот начин на размислување, производството при немање на недозволен обид, значи тој нема недозволен обид некому да го даде тоа што го произведува. Притоа, болен е од Хочкинова болест, која е вид на карциногена болест. Тој има полно право да произведува. Единствена пресуда која можеше да се донесе е да се ослободи од обвинение. Доби условна осуда, од која не сме ниту еден милиметар задоволни. Обвинителството не докажа дека тој произведувал за друг“, вели Дуковски.
Активистот Достовски рече дека условната казна значи дека тој утре треба да оди во затвор, бидејќи тој ќе продолжи да биде корисник на марихуана.
„Осуден сум условно иако објаснив дека јас сум корисник на марихуана. Во аптеките нема ништо што мене ми одговара, така што морам сам да си го направам. Условна осуда значи дека јас нема да лежам во затвор, а од друга страна, пак, ме осудуваат како криминалец. Ова можеби е невкусно, ама јас ќе им го повторам делото. Оваа пресуда значи дека јас утре ќе треба да одам во затвор. Тие денес ме пуштаат, но знаат дека делото утре ќе го повторам, задутре и ден по тоа. Не само јас, туку и илјадници луѓе во државава. Така што, еве го повторив делото, ги чекам дома да ме земат“, рече Достовски, пушејќи марихуана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Додека ЛЕН се кара кој ќе биде „претседател“, институциите го деградираат користењето на албанскиот јазик на ниво пред усвојувањето на Законот за јазиците

„ДУИ изразува длабока загриженост поради систематското непочитување на албанскиот јазик на официјалните веб-страници на министерствата на Владата на Република Северна Македонија. Недостигот на содржини на албански јазик во Министерството за енергетика, Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи и други институции претставува не само прекршување на Законот за употреба на јазиците, туку и намерно исклучување на албанците од пристапот до јавни информации“, велат од ДУИ.
„Во некои случаи, задржани се само старите двојазични формати од претходната влада, но суштинските содржини, документите и клучните информации се објавуваат исклучиво на македонски јазик.
Станува збор за опасен тренд што оди подалеку од техничка негрижа – ова е институционална политика која го ограничува практичното користење на албанскиот јазик и ги поткопува темелите на меѓуетничката еднаквост во државата.
Дополнително, овие појави се случуваат во време кога се прават обиди за доведување во прашање на клучните одредби од Законот за јазиците пред Уставниот суд.
Кога државните институции почнуваат да го игнорираат или релативизираат едно од најважните достигнувања на Охридскиот рамковен договор – службената употреба на албанскиот јазик – се испраќа опасна порака за иднината на државната кохезија и меѓуетничкиот соживот.
Во момент кога се случуваат овие сериозни процеси, албанските партнери во Владата се зафатени со внатрепартиски караници за претседател на ЛЕН, иако секој од нив со помалку од 1% поддршка од граѓаните, и молчат пред овој удар врз правата на албанските граѓани.
Со оваа тишина, тие не само што ја легитимираат оваа политика, туку стануваат дел од проблемот.
ДУИ им упатува повик на институциите да го почитуваат законот и Уставот, да го запрат јазичниот дискриминациски курс. Албанците нема да прифатат да бидат третирани како граѓани од втор ред. Јазичната еднаквост не е привилегија – таа е право“, соопшти ДУИ.
Македонија
На Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата е околу 1 час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне сончево, попладне наместа нестабилно со локален дожд и грмежи

Претпладне сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Од среда на повеќе места ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, локално поројни, проследени со грмежи. Дневната температура ќе биде во постепено благо опаѓање.