Македонија
Ахмети – Генчовска: Секое доцнење оди на штета на бугарската заедница во земјата
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, оствари средба со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Теодора Генчовска.
Ахмети и Генчовска разговараа за спорот меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, решение што ќе ѝ даде зелено светло на нашата земја за почеток на преговорите со Европската Унија и одржување на првата меѓувладина конференција, додека земјата веќе ги има исполнето сите неопходни услови.
Лидерот на ДУИ, Ахмети, на средбата изјави дека секое одложување на решавањето на спорот меѓу Скопје и официјална Софија оди на штета на бугарската заедница во земјава.
Претседателот Ахмети ги покани бугарските власти да ја зголемат меѓусебната доверба и да работат заедно за позитивен епилог на билатералниот спор преку стеснување на просторот за дејствување агенди во земјата и регионот, кои не се совпаѓаат со нашите западни определби.
Итното затворање на овој спор ќе биде од корист за бугарската заедница во нашата земја, регионот и Европа, но секако без да се загрозат националниот и јазичниот идентитет на нашите сограѓани, информираат од кабинетот на Ахмети.
Во информацијата се појаснува дека решавањето на спорот меѓу двете земји придонесува за мир, безбедност и стабилност во целиот регион. Граѓаните, како што пишува во соопштението по одржаната средба, веќе очекуваат позитивни резултати за изнаоѓање заеднички јазик во решавањето на спорот меѓу двете земји бидејќи Европа не е во целосен мир без Западен Балкан.
Ахмети и Генчовска на средбата истакнаа дека е неопходно да се интензивираат трговската и културната размена меѓу нашите две земји за подобрување на благосостојбата на граѓаните и подоброто меѓусебно познавање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски вели дека Безбеден град не познава имиња, функции или позиции, туку евидентира прекршок
Овој систем го развиваме со единствена цел за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди, повредите и загубените човечки животи, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Фејсбук објава, информирајќи дека денеска бил на терен, на локација, каде што се спроведува финалната верификација на камерите за автоматска детекција на сообраќајни прекршоци како дел од проектот „Безбеден град“.
Тој нагласи дека во оваа фаза се врши проверка на точноста на мерењето на брзината, при што утврдените отстапувања се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира сигурност и доверливост на системот.
Во првата фаза, додава Тошковски, камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата. Паралелно, вели министерот, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, особено на т.н. црни точки.
-Овој систем не гледа кој сте, туку што сте направиле. Тој не познава имиња, функции или позиции туку евидентира исклучиво прекршок. Законот важи еднакво за сите и само на тој начин ќе постигнеме поголема сообраќајна дисциплина и повеќе спасени човечки животи, нагласи Тошковски.
Македонија
Од ноќеска обилни дождови
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има врнежи од дожд, што наместа ќе бидат пообилни – над 30 литри на квадратен метар, проследени со ретки грмежи. На планините, врнежите ќе бидат од снег, информираа денеска од Управата за хидрометеоролошки работи.
– Во вторник претпладне сè уште во источните делови ќе има слаби врнежи од дожд во пониските и дожд и снег на повисоките места и на планините. Попладне времето ќе се стабилизира, а во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег, соопштија од УХМР.
За во Скопје, најавено е утре, почнувајќи од утринските часови, да има повремени врнежи од дожд, што попладне и во текот на ноќта ќе бидат пообилни. Се очекува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Македонија
Безбеден град ќе казнува по 500 евра и една година без возачка за брзо возење
Министерството за внатрешни работи денеска во рамки на проектот „Безбеден град“ ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор на подрачјето на градовите Куманово и Тетово.
Како што се наведува во известувањето од МВР, активностите ќе се реализираат во временскиот интервал од 08:00 до 20:00 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае кратко, приближно од 15 до 30 минути.
Од МВР информираат дека за време на спроведувањето на активностите на конкретната локација, сообраќајот привремено нема да се пропушта додека трае постапката, по што ќе продолжи да се одвива нормално.
-Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности, се наведува во соопштението.
По донесувањето на Законот за прекршоци во Собранието, позната е и сумата на глобите што граѓаните ќе ги плаќаат доколку кои не ги почитуваат сообраќајните правила.
За санкционирање на пречекорувањето на дозволената брзина, глобата ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози. За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. за 20 до 30 километри на час над дозволената брзина според законското решение е предвидено да плати 45 евра глоба. За пречекорување на дозволената брзина од 30 до 50 километри на час казната е 300 евра и забрана да управува со возило од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување со моторно возило од најмалку една година. Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.
За сообраќајниот прекршок минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци. Кривична одговорност е предвидена ако прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода.
Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола казната е 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.
За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. После овој рок мора да се платат 100 проценти од износот со можност за присилна наплата. Возач кој ќе добие три забрани за управување на моторно возило во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано после една година.
Собранието во петокот со 81 глас „за“, 19 „против“ и без воздржани го изгласа Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова, се отвори патот од 1 февруари да стартува системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“, насочен кон превенција, зголемена безбедност во сообраќајот и заштита на човечките животи.

