Македонија
Ахмети – Џачка: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најдобрата гаранција за стабилност во Европа

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денеска оствари средба со албанската министерка за Европа и надворешни работи, Олта Џачка.
Патот кон евроинтеграциите, процесот на реформите и уставните измени, случувањата меѓу Косово и Србија, како и економската соработка, беа теми на разговор меѓу Ахмети и Џачка.
За тридецениските дипломатски односи Ахмети ѝ се заблагодари на Џачка за одличното партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, а билатералната соработка е оценета на ниво, но со потреба од продлабочување на соработката во новите проекти, кои се во интерес на двете земји.
Тема на разговор меѓу Ахмети и Џачка беа и реформите што се случуваат во земјата, како и потребата од уставни измени, како неодолива потреба Република Северна Македонија да го продолжи процесот на европска интеграција. Исто така, Ахмети ја информира Џачка за заедничкиот европски фронт, кој има цел да го финализира овој процес со членството на земјата во ЕУ како единствена алтернатива.
Во разговорот беше ставен посебен акцент на процесот на европската интеграција бидејќи двете земји чекорат по истиот пат и развојот се одвива во континуирани чекори, вклучително и скрининг-процесот.
Ахмети и Џачка разговарале и за случувањата меѓу Косово и Србија и постигнатиот договор во Охрид како единствена можност за мир и просперитет на Балканот, а во оваа пригода и за силната поддршка на Скопје и Тирана за целосно и неселективно спроведување на одредбите од овој договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.