Македонија
Бактеријата мрса се шири во градинка во Кисела Вода
Бактеријата мрса, која е отпорна на антибиотици, била пронајдена кај три дечиња и кај воспитувачка во градинката „Весели цветови“ во населбата Кисела Вода. Родителите се во паника и бараат од Центарот за јавно здравје да земе брисови од сите деца за да не се прошири и кај останатите, додека директорката на градинката ја смирува ситуацијата и вели дека нема простор за паника.
„Дојде инспекција, констатирано е дека сè е во ред и дека нема причина за паника. Вршиме континуирана дезинфекција. Дојде санитарна инспекција, направи записник и констатираше дека градинката е во одлична состојба кога станува збор за хигиената. Родителите бараат да се земе брис од сите деца, но од Центарот за јавно здравје ни изјавија дека тоа не е во согласност со протоколите бидејќи не станува збор за епидемија. Уверувам дека градинката не е проблем. Бактеријата се шири во болниците, а исто така и игротеките се место од каде може да се рашири, а таму не се вршат контроли“, вели Валентина Божиновска, директорка на „Весели цветови“.
Пред три недели, со бактеријата мрса (позната и како „стафилокока“) било дијагностицирано едно дете и воспитувачка. Другите вработени на своја иницијатива извршиле испитувања и кај нив не била најдена бактеријата. Утринава, во друг објект, кај уште едве деца била дијагностицирана мрса, по што кај родителите настапила паника, па сега тие самоиницијативно ги носат децата на испитувања.
Оваа бактерија често се наоѓа на кожата и слузниците на човекот. Бактеријата кај здравите лица не предизвикува никакви симптоми и тие се само преносители. Таа може да се пренесе преку физички контакт, преку кожата или близок контакт со преносителот.
Иако бактеријата кај здравите луѓе со јак имунитет не предизвикува болест, таа може да предизвика сериозни инфекции кај лицата со намален имунитет и со оштетена кожа или слузници. Доколку продре под кожата или во телото, мрсата може да предизвика посериозни последици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.
Македонија
МНР и НТ формира кризен штаб, се повеќе македонски граѓани бараат помош по нападите на Блискиот Исток
Со оглед на влошената безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше формиран кризен штаб, кој е на 24-часовно располагање на граѓаните. Неговата задача е континуирано да ја следи состојбата и да ги координира и систематизира сите постапки поврзани со македонските државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, а на кои им е потребна помош или асистенција.
„Истовремено, дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните. Согласно информациите од Амбасадите на Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството во Скопје, тековно се зголемува бројот на наши државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја. Со сите пријавени лица се одржува постојан контакт, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“, велат од МВР.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546

