Македонија
Баравме лекари за да се стави вода во апаратот за кислород, сведочи семејството на 22-годишникот што почина од корона
Семејството на 22-годишното момче од Битола, кое почина како последица на коронавирусот, преку писмо се обрати од министерот за здравство, Венко Филипче, и до медиумите. Во него наведува дека уште додека момчето било таму се жалело од односот на персоналот што го третирало во Општата болница – Битола и го опишал како нехуман. Семејството тврди дека секојдневно, по позитивниот тест на коронавирус, го носеле на прегледи, каде што му била препишувана терапија од докторите. Истото тоа пред десетина дена го потврди и Министерството за здравство. Но, дури третиот ден од прегледите, кога состојбата му била значително влошена, бил хоспитализиран.
„Мојот брат на 9.10.2021 е константирано дека боледува од Ковид-19. Резултатот е добиен во 19 часот. Веднаш е почнато лекување со антибиотик ‘панцеф’ и витамински таблети по препорака на матичниот лекар. Телесната температура му беше 39,2°C. Брат ми не беше вакциниран против Ковид-19. Со години не се обратил на лекар за никакви здравствени проблеми од никаква природа. Наредниот ден, 10.10.2021, е однесен на инфективната клиника во Битола со температура од 39°C, пулс 140, крвен притисок 120/80, сатурација 95. Направен е РТГ. Константирано е нагласен бронховаскуларен цртеж, без знаци на свежа консолидација, со лесно нагласени хилуси, слободни фк-синуси, срце, РТГ на широка основа, графија во еспириум. Направена е лабараториска анализа со D dimeri – 438, CRP – 85,5, Fe – 2,7. Даден совет за таблети ‘кардиопирин’ од 100 мг, ‘панцеф’ 400 мг едно дневно, ‘фамосан’ 40 мг, цинк, Ц-витамин и Д-витамин. На 11.10.2021 повторно е однесен во Клиничката болница – Битола. Извршен е преглед и константирана е температура од 39,3°C, сатурација 97, тахикардија 139 и крвен притисок 120/70. Константирано е васкуларно дишење. Cor-bo. Дадено Sol NaCl 0,9 % 250 мл + ампула ‘аналгин’/ив. Вратен е дома со темпетура од 38°C, отежнато дишење и кашлица“, опишува Дејан Мицкоски, брат на починатиот.
Веќе третиот ден од домашното лекување, со висока температура и кашлица, 22-годишниот битолчанец е повторно однесен во битолската болница. Тогаш е ставен на кислородна поддршка и дадени му се инфузии со додатоци, за кои семејството вели дека не знаат што се третирало со нив. Кога го хоспитализирале, тие барале машината за кислород да биде надополнета со вода бидејќи, како што тврдат, во неа немало. Барале информации за неговата состојба од персоналот, но не добивале.
„Во наредните 24 часа е со постојана температура од над 39°C. Дури наредниот ден вечерта температурата му е стабилизирана и е третиран со крвна плаза од донор со прележан Ковид-19. Третиот ден е третиран со антибиотик за нас до сега непознат и кортикостероиди. Од преголемата нега за пациентите во болницата во ноќните часови бараме лекари за да се стави вода во апаратот за кислород за да може да ја поминe ноќта. Во собите на пациентите оставени се овие броеви за помош од медицинските сестри 047/243-350, 047/243-445, кои трите вечери не функционираа додека мојот брат беше таму. А дадениот број од дежурниот лекар 071-213-415 е луда среќа ако некој те удостои да се јави и да ти даде информација за пациентот. Истата вечер ситуацијата нагло му се влошува и сатурацијата до изутрината стигнува до 55. За само два часа изутрината, мојот брат станува неконтактибилен и до него наводно седи медицинска сестра. Речено ни е дека во таква состојба не е можен транспорт за Скопје, што сметаме дека требаше да се изврши во претходните денови. Мојот брат почина за неполни 2 часа“, додава братот на почиантиот.
Министерството за здравство веќе изјави дека починатиот имал коморбидитет, потенцирајќи дека тоа е обезноста, односно дебелината. Од семејството велат дека тој се занимавал со бодибилдинг. Ним не им е јасно ниту кои доктори го прегледувале првите денови по добивањето позитивен наод на коронавирусот, а не го хоспитализирале веднаш за да добие болнички третман.
„Мојот брат навистина имаше 125 кг, 180 см висина и неколку години се занимаваше со бодибилдинг. За гореизвршените прегледи поседувам документи. Не ми е јасно од кои доктори е прегледуван првите три дена кога го носевме секојдневно во битолската болница бидејќи нѐ примаа доктори, а имаме извештаи со имиња на докторки специјалисти по инфективни болести, кои никаде и никогаш не ги видовме. Господине министер Венко Филипче, ги ценам вашата стручност и знаењето, ама со вакво здравство ќе ни требаат уште стотина години за да го достигнеме минимумот на европското ниво. За горенапишаното располагаме со документација, која можеме да ја дадеме на увид за тој што ќе покаже интерес за случајот. Напоменувам дека за време на хоспитализацијата мојот брат три дена нонстоп беше под маска и контактиравме со пораки, во кои ни се жалеше за нехуманиот однос на персоналот. Со почит од вечно ужаленото семејство на 22-годишното братче, кое ќе живее во нашите срца додека ние постоиме“, пишува Дејан Мицкоски, брат на починатиот.
Младиот пациент почина пред 10 дена. Во првите денови докторите му посочиле дека нема знаци на пневмонија, велеше Министерството за здравство, поради што бил испратен на домашно лекување. Веќе наредниот ден бил со драстично влошена состојба по што бил хоспитализиран. И покрај терапијата, медицинарите не успеаја да го спасат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

