Македонија
Бајрами: До обвинителствата пристигнаа релативно мал број пријави за нерегуларности на изборите
Претседателот на Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела против изборите и гласањето, Џељаљ Бајрами изјави дека во текот на денот до обвинителствата пристигнале релативно мал број пријави и известувања за нерегуларности на изборниот процес.
„Она што можеме да го констатираме е дека во текот на овој изборен ден во вториот круг од локалните избори до Комисијата и до обвинителствата пристигнаа релативно мал број пријави и известувања за нерегуларности на изборниот процес. По сите пријави се оформени предмети и итно се постапува“, изјави претседателот на Комисијата, јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија Џељаљ Бајрами.
На подрачјето на Основното јавно обвинителство Скопје оформен е предмет за настан пријавен на 30.10.2021 година во МВР БЈБ ОКП Сектор за економски криминал и корупција како кривично дело – Поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик во општина Шуто Оризари. За настанот во текот на денешниот ден беше доставено писмено известување до ОЈО Скопје. Јавниот обвинител, со цел да се утврдат фактите, го испита подносителот на пријавата во својство на сведок и издаде Наредба до БЈБ ОКП Сектор за економски криминал и корупција, како подносител на известувањето со насоки за обезбедување материјални докази. Предистражната постапка трае до обезбедување на доказите, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.
Основното јавно обвинителство Кочани постапува по повеќе пријави од две политички партии дека различни лица вршат притисоци, влијание и агитирање врз гласачи како да се изјаснат. За сите поднесени пријави оформени се предмети и дадени се наредби и насоки до ОВР Кочани за проверка на наводите. Доколку бидат обезбедени докази за кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности.
Во Основно јавно обвинителство Делчево на 31.10.2021 година примена е една кривична пријава против едно лице за кривично дело „Поткуп при избори и гласање“ од член 162 од Кривичниот законик, по која е оформен предмет. Станува збор за настанот за кој веќе известивме со наводи за поткуп во Македонска Каменица. Во предметот се постапува во предистражна постапка.
Во Основно јавно обивнителство Радовиш добиено е усно известување во текот на денешниот ден дека едно лице кое требало да е во изолација поради контакт со позитивно лице од КОВИД 19, излегло на гласање. Дадени се насоки за проверување на наводите.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево бил известен дека гласач на едно гласачко место го фотографирал ливчето, додека на друго гласачко место еден гласач искинал гласачко ливче. Се постапува за утврдување на фактите.
До Комисијата, преку електронската адреса во текот на вчерашниот ден пристигна една пријава од невладина организација, која се однесува на притисоци и закани упатени кон набљудувачи на изборите искажани преку коментари на социјална мрежа. Комисијата ги проверува наводите.
„Јавното обвинителство продолжува да го следи изборниот процес во целост и ќе постапува по сите сомненија за евентуално сторени кривични дела поврзани со локалните избори. Се уште останува активна и нашата електронска адреса [email protected], каде граѓаните можат да ги пријавуваат сите сомненија за кривични дела поврзани со изборите“, додаде Бајрами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

