Македонија
Бездомниците ќе бидат сместени во прифатни центри за време на студениот бран
Бездомниците од Скопје привремено ќе бидат згрижени во пунктот за бездомници на Црвниот крст на Град Скопје во Момин Поток, а останатите лица и семејствата со деца до три години, кои се во социјален ризик, ќе бидат сместени во Чичино Село и во установите за згрижување „Ранка Милановиќ“ и „25 Мај“.
Во соработка со Министерството за образование и наука за привремено сместување на бездомни лица ќе бидат отворени и средношколските интернати во останатите градови во земјава. И телефонскиот број 195 ќе биде во функција 24 часа, на кој ќе можат да побараат помош сите што се во социјален ризик и што ќе треба да бидат привремено згрижени.
„На овој број може да се јавуваат и граѓани да пријават случај, односно лице на кое ќе му биде потребна помош од службите и институциите“, изјави министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими.
Во пресрет на студениот бран, кој се очекува да ја зафати Македонија во текот на викендот, Министерството за труд и социјална политика, во соработка со центрите за социјална работа и Црвениот крст, презема низа превентивни мерки за заштита на бездомниците и семејствата кои се во социјален ризик со цел да им се обезбеди сместување, топла облека, храна и топли напивки.
Според Сузана Пауновска од Црвениот крст на Град Скопје, поголема потреба од помош имаат бездомните лица во Скопје, чиј број е и најголем, 148, за разлика од помалите рурални средини, каде што има помал број на бездомници. Во меѓувреме, односно денес и утре, тимови од Министерството за труд и социјална политика, Црвениот крст, локалните самоуправи и месните заедници, ќе направат дополнителни идентификувања на лицата во ризик сè со цел да се дејствува навреме, односно на сите да им биде овозможена помош за време на студениот бран.
„Во согласност со стандардните оперативни процедури на Црвениот крст на Република Македонија за одговор и однесување при природни непогоди, тимот на Црвениот крст на РМ веќе е мобилен. Ова подразбира дека во пунктот за бездомници во Момин Поток од 30 декември веќе патролираат четири тима по 24 часа на ден, а тие се составени од стручни лица обучени да дејствуваат во природни непогоди. Располагаме со доволно количество храна, топла облека, ќебиња, средства за хигиена и лекови, и сето тоа е веќе дистрибуирано до локалните организации на Црвениот крст во регионите каде што очекуваме ниски температури. Во текот на овој период, односно на дневна основа прифаќаме осум до 10 лица, но очекуваме овој број да биде многу повисок наредните денови кога се прогнозира дека температурите ќе бидат околу -20 степени“, изјави Пауновска.
Во согласност со препораките од Центарот за управување со кризи и во согласност со Акцискиот план, Министерството за здравство апелира до сите граѓани во овој период, а посебно во периодот од петок до недела, да не излегуваат од дома доколку немаат итна потреба. Граѓаните, односно хроничните болни, кои имаат потреба од терапија, но и сите оние што имаат потреба од каква било помош, како што советува Министерството за здравство, може да се јават на дежурниот телефонски број 195 или на телефонскиот број на Црвениот крст 3139-578./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.
Македонија
Филипче обвинува дека власта удрила и по средните винарии
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава од Моклиште, Кавадраци, нагласи дека со новите критериуми за добивање субвенции владата директно ги оштетува средните винарии, а новите правила за субвенции одат во прилог на само неколку големи компании.
„Средните винарии имаат обврска да продадат, 30% од грозјето на најголемите една или две винарии, со цел да воопшто стигнат до субвенција. Сето ова оди во прилог на потребите на само една или две големи винарии. Лозарите, тие кои мака мачат на сонце на лозовите насади, малите винари, средните винари, сите се намерно оштетени, намалени им се парите или воопшто нема да можат да ги земат, што е една катастрофа за овој регион“, рече Филипче.
Тој додаде дека во новата Програма за субвенции во земјоделството и парите се скратени и условите за добивање субвенции се усложнети.
„Владата ја намалува и Програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Значи за цела третина, помалку пари, кај сите сектори во земјоделството, сточарството, лозарството, поледелството, овоштарството и нема да имаат овие земјоделци доволно поддршка од државата како што тоа го имаше во времето на владата на СДСМ“, рече Филипче.
Во изјавата Филипче нагласи дека лозарите не можат да очекуваат позитивни вести кога станува збор за поддршката од државата.
„За жал, сметам дека лозарите оваа година немаат да има добри вести во однос на тоа што значи поддршка од страна на владата за развој на овој сектор. Овој сектор земјоделството во мало го означува пристапот на оваа власт генерално во државата. Кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето.Жалам, но оваа власт не се грижи за граѓаните, за државата“, рече Филипче.

